Влада на РМ- зграда / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Македонија треба да избира меѓу „должи како Грција“ или „штеди како Словачка“

Во наредните пет години се планирани задолжувања од 8,5 милијарди евра?! Фискалниот совет оценува дека „нивото на јавниот долг и понатаму останува релативно висок за мала и отворена економија“. Експертите од Советот предлагаат да се следи успешната приказна на Словачка, која преку реформа на структурата на јавните расходи успеала да ,,заштеди“ дури 7 проценти од вкупните јавни расходи.

Во наредните пет години се планирани државни задолжувања за речиси 8,5 милијарди евра, покажува Фискалната стратегија 2027-2031 година. Притоа, за враќање стари долгови ќе бидат потребни 5,5 милијарди евра, а за да се спроведат одредени проекти што ги надминуваат буџетските можности, се планира задолжување од 3,3 милијарди евра. Нешто е планирано и да остане како депозит на сметка. Оваа состојба, според економистите е загрижувачка и централното прашање е што да се прави.

Фискалниот совет оценува дека „нивото на јавниот долг и понатаму останува релативно висок за мала и отворена економија“. Експертите од Советот предлагаат да се следи успешната приказна на Словачка, која преку реформа на структурата на јавните расходи успеала да ,,заштеди“ дури 7 проценти од вкупните јавни расходи.

„Случајот на Словачката Република покажува како прегледите на трошењето можат да донесат значителни фискални заштеди (Министерство за финансии на Словачката Република 2020; ОЕЦД 2024; ММФ 2025). Земјата го започна Проектот за преглед на трошењето во 2016 година и оттогаш спроведе 19 прегледи на трошењето. Овие прегледи опфатија речиси две третини од вкупните јавни расходи, идентификувајќи можни заштеди од 7 проценти од вкупните расходи“, пишува во Фискалниот монитор на Меѓународниот монетарен фонд од октомври 2025 година.

Во Фискалниот монитор посебно е издвоен прегледот на трошењето на Словачка во 2020 година со предложи клучни мерки за ограничување на платите во јавниот сектор во земјата, вклучително и намалување на вработеноста во општата влада, оптимизирање на кадарот во државните претпријатија и рационализирање на бројот на ненаставен кадар во институциите за високо образование. Клучен заклучок е дека прегледите на трошењето можат да помогнат во идентификувањето на областите за заштеда, особено кога се усогласени со времето и обемот на годишните буџетски циклуси и среднорочните рамки за расходи.

Но, колкава е нашата буџетска транспарентност? Последните податоци од Анкетата за отворен буџет 2025, што ја спроведе Меѓународното буџетско партнерство во соработка со Центарот за економски анализи (ЦЕА), укажуваат на мешани резултати. Додека кај законодавниот надзор се забележува благо подобрување, буџетската транспарентност и учеството на јавноста остануваат под регионалниот просек.

„Иако има благ раст од 35 на 39 поени (на скала од нула до 100) долгорочниот тренд од 2012 година до денес укажува на општа стагнација. Северна Македонија сѐ уште заостанува зад регионалниот просек (52 поени). Главни пречки се: неподготвување Полугодишен извештај за извршување на буџетот; доцнење со објавувањето на Фискалната стратегија; отсуство на граѓански буџет, што ја отежнува достапноста на информациите за обичниот граѓанин“, пишува во Извештајот.

Она што сега се знае од Фискалната рамка е дека се планира раст на приходи од сегашните 6 милијарди евра, испланирани за 2026 година, на 8,4 милијарди евра во 2031 година. Расходите, пак, за годинава се планирани да бидат 6,7 милијарди евра, а во 2031 година – 9 милијарди евра. Сепак, буџетскиот дефицит како процент од бруто-домашниот производ ќе се намалува од сегашните 3,5 проценти на 2,8 проценти во 2031 година.

„За буџетските дефицит во периодот од 2027 до 2031 година, државата се очекува да се задолжува во странство, со склучени заеми за буџетско финансирање, преку издавање хартии од вредност, како и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање одделни проекти. Притоа, изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и на очекуваните состојби на меѓународните пазари на капитал. Понатаму, задолжувањето на домашниот пазар ќе се реализира преку издавање државни хартии од вредност или со домашни заеми, со што ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови. Со цел оптимизирање на исплатите и намалување на ризикот на рефинансирање, Министерството за финансии ќе продолжи да издава државни обврзници со подолги рочности, при што ќе се намали ризикот од рефинансирање на долгот“, пишува во Фискалната стратегија.

Огромни долгови и по фактури

Фискалниот совет изразува загриженост и за достасани, а неизмирени обврски.

„Со целиот ризик од нивно целосно пријавување и скептицизам околу нивниот јавно презентиран износ за што Фискалниот совет повеќепати истакна, тие сè уште се високи и претставуваат значаен процент од БДП (околу 4 % од БДП)“, пишува во Извештајот.

Овие отворени долгови понатаму ја уриваат ликвидноста на компаниите. Тие не можат да дојдат до пари за сработеното, што е удар и за нивната понатамошна економска активност и во крајна линија – за растот на целата економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот