Македонија со реми во Разград против Бугарија го започна настапот во Лигата на нации

Милан Ристовски го по постигна голот за Македонија/ фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Фудбалската репрезентација на Македонија со реми на гостувањето во Бугарија го започна настапот во Лигата на нации. Фудбалерите одиграа 1:1 против Бугарија во Разград во натпревар во кој беа подобар тим на теренот на „Хуверфарма Арена“, а во финишот ја имаа среќата на своја страна,  бидејќи судијата Пињар ја промени одлуката и не досуди пенал за домашната селекција .

Избраниците на селекторот Благоја Милевски, кои пред почетокот на новото издание на Лигата на нации ја прифатија фаворитската улога во групата, доминираа во текот на целиот натпревар, но не успеаја да слават над Бугарија во првиот официјален натпревар. Македонските фудбалери имаа поголем посед на топката (53-47),повеќе точни додавања (356-264) повеќе корнери (5-0), повеќе шутеви (15-3) како и повеќе шутеви во рамките на голот (5-1).

Сепак, Бугарија поведе во 13 минута со единствениот шут во рамките на Столе Димитриевски, Десподов погоди по асистенцијата на Илиев.


Од тој момент, па се до крајот на натпреварот, на „Хуверфарма Арена“ доминираа избраниците на Милевски. Само осум минути подоцна, Македонија можеше да дојде до израмнување. По двојната акција до Елмас, Енис Барди од 7-8 метри шутираше, но го погоди во главата голманот Михаилов.

До крајот на првиот дел, иако „црвено-жолтите“ доминираа, но не успеаја да најдат начин да го совладаат Михаилов.

Фудбалерите одиграа нерешено на стартот од Лигата на нации/ фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Второто полувреме започна како што заврши, со доминантна игра на македонските репрезентативци и по само пет минути игра успеаја да дојдат до израмнување.

Ристовски ја затресе мрежата од пет метри по акцијата на Алиоски и Елмас, по чиј шут топката удри во еден бугарски фудбалер и се одби до Ристовски на кого не му беше тешко да погоди.


Само десет минути Македонија можеше да дојде до пресврт. Алиоски доби топка на работ од шеснаесетникот и веднаш шутираше во десниот агол, но голманот Михаилов успеа да го одбрани ударот.

„Црвено-жолтите“ беа подобар тим на „Хувефарма Арена“/ фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Во продолжение, Бугарите успеаја да ја смират играта, до последните момените се играше без шанси и така беше се до самиот финиш. Во судиското продолжение, судијата Пињар досуди пенал за Бугарија откако топката го погоди Висар Муслиу во раката. Но, по прегледување на видео снимката, францускиот судија ја промени одлуката бидејќи раката на Муслиу беше прилепена до телото, по што натпреварот заврши 1:1.

Следниот предизвик за избраниците на селекторот Милевски ќе биде гостувањето кај Гибралтар на 5 јуни.

БУГАРИЈА – МАКЕДОНИЈА 1:1 (1:0)

Хувефарма арена во Разград. Главен судија: Жером Пињар (Франција). Стрелци: Десподов 13′ – Ристовски 50′.

БУГАРИЈА: Михаилов, Недјалков, А. Христов, Турицов, П. Христов, Крастев (од 59′ Костадинов), Чочев, Неделев (од 71′ Стефанов), Десподов, Миланов (од 87′ Минчев), Илиев (од 46′ Минчев). Селектор: Јасен Петров

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Алиоски, Велковски (од 88′ С. Ристовски), Муслиу, Ашковски, Спировски (од 72′ Николов), Барди, Елмас, Чурлинов (од 46′ Давид Бабунски), Трајковски (од 46′ Миовски), М. Ристовски (од 72′ Доријан Бабунски). Селектор: Боби Милевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот