Македонија ремизираше со БиХ на Кошево
Македонската фудбалска репрезентација ремизираше без голови против Босна и Херцеговина на пријателскиот натпревар одигран во Сараево, кој за домаќините претставуваше последна проверка пред настапот на Светското првенство во САД.
Препорачано
На стадионот „Кошево“ владееше одлична атмосфера, а иако мрежите мируваа во текот на сите 90 минути, босанските навивачи имаа причина за славје испраќајќи ја својата селекција кон големиот мундијалски предизвик.
Домаќините беа поопасниот тим на стартот од средбата. Веќе во четвртата минута Алајбеговиќ се закани сериозно, а неговиот удар по допир со македонски дефанзивец заврши во пречката од голот на Столе Димитриевски.
Првата закана на Македонија пристигна во 10. минута преку Бојан Миовски, кој се обиде да ја искористи грешката на противничкиот голман, но без поголема опасност.
Најголемата можност за избраниците на Гоце Седлоски се случи во 32. минута. Миовски излезе сам пред голманот и се обиде со лоб-удар да го совлада, но Мујакиќ во последен момент интервенираше и исфрли од самата гол-линија. До крајот на првиот дел уште еднаш се затресе рамката од македонскиот гол, откако Баждар со удар со глава ја погоди стативата.
Вториот дел донесе многу измени во двата тима. Селекторите Сергеј Барбарез и Гоце Седлоски им дадоа шанса на поголем број фудбалери, по што темпото на игра опадна и речиси целосно изостанаа возбудувањата пред двата гола.
Следниот тест за Македонија е веќе в понеделник, кога националниот тим ќе гостува кај Турција во Истанбул. Натпреварот е закажан со почеток од 19 часот.


