Македонија падна за три места во индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ — сега е во групата со „проблематична“ состојба
За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот сега спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите.
Македонија се најде три места подолу, на 45. од 42. место, на листата според најновиот индекс на слобода на медиумите на организацијата „Репортери без граници“. Земјата е класифицирана во групата со „проблематична“ состојба, а пад е забележан кај сите пет клучни индикатори што ја мерат слободата на медиумите.
Препорачано
Во извештајот за Македонија се нотирани сериозни проблеми:
„Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, треба да се направи разлика меѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и индивидуалните портали кои плагираат и препишуваат туѓа содржина. Постои и голема разлика помеѓу гледаноста и довербата: најгледаните телевизиски канали – ‘Алсат’, ‘Сител’, ‘МТВ1’, ‘Канал 5’ – имаат низок индекс на веродостојност“, пишува во извештајот околу медиумскиот амбиент во државата.
Се наведува и дека владини претставници имаат тенденција на лош и понижувачки однос кон новинаритe.
„Општата состојба останува поволна за слободата на печатот, но државните институции не се доволно транспарентни, а критичкото новинарство е сè почесто изложено на напади. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените, и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (власта и опозицијата) создадоа паралелни медиумски системи врз кои вршат политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка ни финансиска независност“, пишува во извештајот на „Репортери без граници“ за Македонија.
Од земјите на Балканот, во групата со „задоволителна“ состојба се најдоа само Словенија (36) и Црна Гора (41). Во групата со „проблематична“ состојба, кај што е Македонија, се и Хрватска (53), Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86). Босна и Херцеговина (90) и Србија (104) се во категоријата држави со „тешка“ состојба во поглед на слободата на медиумите.
Десетта година по ред првото место ѝ припаѓа на Норвешка, а Еритреја е на последното место. Најголем напредок бележи Сирија, по падот на долгогодишниот диктатор Башар Ел Асад, со скок од дури 36 позиции.
За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите. Во изминатите 25 години, просечниот резултат на сите 180 земји и територии вклучени во рангирањето никогаш не бил толку низок.
Главни закани за новинарската професија кои се посочуваат од страна на организацијата се:
Криминализација: Правниот индикатор бележи најголем пад поради злоупотреба на законите за национална безбедност за прогон на новинари.
СЛАПП-тужби: Стратешки тужби против јавното учество со цел да се замолчат истражувачките новинари.
Политички притисок: Нападите врз медиумите во САД под администрацијата на Доналд Трамп доведоа до пад на земјата на 64-то место.
„Слободен печат“ повторно мета на малициозни ботски напади на Инстаграм


