Македонија го зајакнува одбранбениот капацитет, набавена нова воена опрема според НАТО стандардите
Армијата се модернизира и ги зајакнуваме одбранбените капацитети на државата, преку набавка на нова воена опрема усогласена со стандардите на НАТО, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
На свечен настан во присуство на припадници на Армијата, министерот за одбрана и претставници на меѓународната заедница, Мицкоски истакна дека се реализирани два договори кои носат конкретни резултати за македонскиот одбранбен систем.
„Со гордост објавувам дека Министерството за одбрана успешно реализираше два значајни договори за набавка на нова современа воена опрема – опрема која е целосно усогласена со НАТО стандардите. Ова не е само набавка. Ова е визија за Македонија како стабилна, сигурна и подготвена членка на НАТО Алијансата. Ова е порака дека државата станува сила што застанува на свои нозе“, рече Мицкоски.

Во рамки на првиот договор, како што рече, набавени се и веќе испорачани шест хаубици – моќни артилериски системи кои ќе го засилат капацитетот на нашата Армија. Заедно со нив е предвидена и набавка на муниција со зголемен дострел, чија испорака и исплата се планирани во текот на 2026 година. Со вториот договор, обезбедена е набавка на опрема за хаубиците – системи за комуникација и контрола на оган кои значително ќе ја зголемат огнената моќ и прецизноста на делувањето на нашите единици.
Со опремата, оцени Мицкоски, армијата ќе биде помоќна и поусогласена со НАТО стандардите, нагласувајќи дека веќе нема импровизации, застарена опрема и декларативна поддршка.


