семејно насилство фото: МВР

„Македонија е опасно место за живеење за жените“, алармира Мрежата за заштита од дискриминација

Организацијата бара итни институционални мерки и системска заштита по последните случаи на фемицид и родово базирано насилство.

Мрежата за заштита од дискриминација предупредува на сè почестото насилство врз жените во државата. Организацијата бара итни институционални мерки и системска заштита по последните случаи на фемицид и родово базирано насилство.

Оттаму најостро го осудуваат новиот фемицид што утринава се случи во Битола, каде 31-годишна жена беше убиена од нејзиниот сопруг со нож. Според информациите на МВР, сторителот ја нападнал жената со која не живееле заедно, а таа починала на лице место од здобиените повреди.

Тие велат дека ова не е изолиран случај.

„Ова е уште еден аларм дека Македонија станува сè поопасно место за живеење за жените. Загрижувачкиот пораст на фемициди и случаи на семејно и родово базирано насилство во 2026 година покажува дека институционалната заштита е недоволна, а системот потфрла да ги препознае и спречи ризиците навреме. И покрај постојаните измени на закони, стратегии и политики, во практика нема суштинско подобрување во заштитата на жртвите. Наместо ефикасна превенција, брза реакција и координирана институционална заштита, повторно сведочиме на загубени животи. Само во првите месеци од 2026 година веќе се изгубени повеќе животи како последица на семејно и родово базирано насилство“, реагираат од Мрежата.

Ова, според нив, е алармантен континуитет на насилство врз жените, проследен со слаба проценка на ризик, бавни институционални реакции и култура на неказнивост. Дополнително, според нив, загрижува и сè поголемиот број случаи на врсничко насилство во училиштата, од кои дел завршија со напади со ладно оружје и ученици во критична здравствена состојба. Велат дека насилството прераснува во сериозна општествена епидемија.

Оттаму бараат итна, темелна и транспарентна истрага за случајот во Битола, вклучително и проверка дали претходно имало пријави за насилство или сознанија кај институциите. Доколку се утврдат пропусти, од Платформата бараат индивидуална одговорност и санкции за секое службено лице што не постапило согласно законските обврски.

„Бараме и итни финансиски инвестиции во специјализирани сервиси за жртви на насилство низ целата држава, како и зголемување на професионалните ресурси во сите институции, особено во МВР и центрите за социјална работа, кои ќе бидат фокусирани на заштита од насилство. Неопходни се и сериозни инвестиции во образованието и превентивни програми за спречување на насилството кај младите“, порачаа од Мрежата за заштита од дискриминација.

Животот на жените и децата, велат, не смее да завршува како статистика поради институционално непостапување и системски пропусти.

Битолчанец утрово ја убил со нож 31-годишната сопруга

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот