Македонија добива европски прозорец, ама не и клуч од вратата
Иницијативата на пет земји членки на Европската Унија се претставува како шанса за побрза интеграција, но останува дилемата дали тоа е вистински пат кон ЕУ или само ново име за долгата чекалница.
Новата иницијатива на пет земји членки на Европската Унија отвора простор за поинаков пристап кон проширувањето со Западен Балкан: постепено вклучување во делови од европскиот систем уште пред полноправното членство.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Предлогот, зад кој стојат Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија, не ја менува формалната рамка на проширувањето. Земјите кандидати и натаму би морале да ги исполнуваат условите, да се усогласуваат со европското законодавство и да напредуваат низ преговарачкиот процес. Но, суштинската разлика е во тоа што дел од придобивките би можеле да доаѓаат порано – по сектори, по области, по степен на подготвеност.
Според доверливиот документ што го пренесе Еурактив, идејата е постепената интеграција да не биде исклучок, туку систематски пристап. Тоа значи дека земјите од Западен Балкан, доколку исполнат одредени услови, би можеле чекор по чекор да добиваат пристап до европски програми и делови од единствениот пазар.
Во документот се наведуваат области како транспортот, енергетиката, дигиталниот пазар и политиките за критични суровини.
Инструмент за забрзување
Политичкиот аналитичар Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“ за „Слободен печат“ вели дека предлогот за постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во Единствениот пазар на ЕУ може да биде сериозен поттик за реформи доколку создаде видливи придобивки уште пред формалното членство.
– Во последните години, во регионот се создаде чувство дека евроинтегративниот процес е политички бавен и често непредвидлив, па затоа секој модел што носи конкретни економски, инфраструктурни или институционални придобивки може повторно да ја врати довербата во европската перспектива. Но, истовремено, постои и реален ризик постепената интеграција да се претвори во трајна алтернатива наместо преодна фаза кон полноправно членство. Затоа е важно ваквите иницијативи да не се гледаат како замена за проширувањето, туку како инструмент за забрзување на усогласувањето и подготовката на земјите кандидати за идно членство. За ЕУ, овој пристап претставува начин да се продлабочи интеграцијата со регионот без веднаш да се отвораат сите институционални прашања поврзани со полноправното членство. За земјите од Западен Балкан, пак, најважно е постепената интеграција да остане јасно поврзана со кредибилна и мерит-базирана перспектива за членство – објаснува Стојковски.
Видливи ефекти
На прашањето што конкретно би значел ваквиот модел за Македонија во сектори како транспорт, енергетика и дигитален пазар, и какви реални придобивки може да очекуваат граѓаните и економијата уште пред членството, Стојковски посочува дека ефектите би биле големи.
– Во транспортот, тоа би значело подобро интегрирање во европските транспортни коридори, полесен проток на стоки и услуги, намалување на административните бариери и подобар пристап до европски инфраструктурни фондови. Тоа директно би влијаело врз конкурентноста на македонската економија. Во енергетиката, постепеното вклучување во европскиот пазар може да донесе поголема енергетска сигурност, подобра поврзаност со регионалните и европските енергетски системи, како и повеќе инвестиции во обновливи извори на енергија и зелена транзиција. Во дигиталниот пазар, граѓаните би можеле најдиректно да ги почувствуваат придобивките преку подобра дигитална поврзаност, постепено намалување на трошоците за роаминг, усогласување со европските дигитални стандарди и отворање нови можности за домашниот ИТ сектор и стартап компаниите – вели Стојковски.
Сепак, додава тој, овие придобивки ќе зависат од капацитетот на државата да спроведе реформи, да обезбеди правна сигурност и да изгради функционални институции.
– Токму затоа, постепеното вклучување во Единствениот пазар треба да се гледа како можност за забрзување на европеизацијата на државата и економијата, а не како конечна замена за полноправното членство во Европската Унија – порачува Стојковски.
Бавен процес
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за „Слободен печат“ оценува дека ваквиот начин на однесување на ЕУ е само начин да се справи и да покаже дека работат на тоа сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ, иако нема да има прием на нови членки во ЕУ сѐ додека таа не се реформира, а тој процес е бавен и треба време.
– За да се направат реформи не треба некој да нѐ притиска или да ни дава можности, туку ние самите треба да се реформираме заради носење на земјата во вистински правец и заради развој на државата во вистинска насока. Со доверба во судство од 0% и партизација на државата на секое ниво нема напредок, без разлика што ЕУ бара реформи од нас – посочува Пекевски.
Во теорија, додава тој, реформите и приближувањето би требало да ѝ овозможат развој на Македонија, а во пракса тоа ќе значи уште поголемо иселување и заостанување на Македонија на економски план.
– И тоа нема да се случи заради инвестирањето во иновации, туку заради инвестирањето во бетон и само бетон – заклучува Пекевски.
Движечка мета
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, вчера упати повик до премиерот Христијан Мицкоски, заеднички да ги направат уставните измени за да се внесат Бугарите во Уставот, што е предуслов за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија.
За овој чин, како што рече Филипче, заеднички ќе ја понесат одговорноста.
– Го повикувам Христијан Мицкоски и власта заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа, ќе ја споделиме одговорноста за тој чин, ние како коалиција предводена од СДСМ. Иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик, култура и така натаму, сепак ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целиот процес на водење на преговорите – изјави Филипче.
Тој апелираше до власта да не се пропушти моментот, бидејќи државата ризикува да остане настрана и да нема друга шанса.
– Ќе останеме настрана, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме. Нема да имаме пари од каде да земеме, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата – рече Филипче.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски смета дека е потребен заеднички став на европските лидери во однос на членството на земјава во ЕУ.
– Нам ни треба еден заеднички став на земјите членки на ЕУ коишто ќе кажат „ова е нашата сегашна понуда“. Ние нема да се налутиме без разлика каква ќе биде таа понуда, доколку таа е искрена. Нам нѐ повредува тоа што понекогаш постојат понуди како фрази, а потоа реализацијата не е искрена. И за нас зачленувањето во ЕУ се претвори во движечка мета – изјави Милошоски.
Петрова-Чамова: Бугарија нема да дозволи нови преговори
„Европската интеграција на Северна Македонија зависи од спроведувањето на европскиот консензус од јули 2022 година. Бугарија категорично се спротивставува на обидите на Северна Македонија да ги заобиколи или повторно да преговара. Министерството за надворешни работи, преку мрежата на бугарски мисии во странство во земјите-членки на ЕУ и во Скопје, вложува активни напори за да спречи какво било повлекување, заобиколување или доведување во прашање на преземените обврски“.
Ова за БГНЕС вчера го изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова и нагласи дека мобилизирани се сите расположливи институционални ресурси, како и воспоставените канали за билатерална и мултилатерална комуникација, со цел ефикасно да се заштити националниот интерес на Република Бугарија.
– Убедена сум дека со здружување на нашите напори, вклучително и со групите за пријателство во Националното собрание на Република Бугарија, ќе обезбедиме највисока заштита на интересите на нашата земја по ова приоритетно прашање – рече министерката.
БГНЕС потсетува дека Македонија го прифатила таканаречениот „француски предлог“, одобрен од сите земји-членки на ЕУ.
Според Преговарачката рамка, за да започнат преговорите меѓу Македонија и ЕУ, Бугарите мора да бидат вклучени во Преамбулата на македонскиот Устав.
Муцунски: Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа


