Министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија со кратка средба и остри пораки — Чамова побара уставни измени, Муцунски реагираше за идентитетот
Муцунски ѝ замери на Петрова-Чамова за тоа што го употребила терминот „северномакедонски“, но и за форматот на „средбата“. Според него, немало средба туку едноминутен разговор. Чамова, пак, јасно порача – имавме добра средба на која повторив дека се потребни уставни измени за продолжување на патот кон ЕУ.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка, новоименуваната шефица на дипломатијата Велислава Чамова Петрова вчера во Брисел, каде што учествуваа на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија, имале кратка средба, но меѓусебно веднаш си испратија остри пораки. Муцунски ѝ замери на Петрова-Чамова за тоа што го употребила терминот „северномакедонски“, но и за форматот на „средбата“. Чамова, пак, јасно му порачала — направете уставни измени ако сакате да го продолжите патот кон ЕУ.
Препорачано
– Користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата прецизноста не е формалност, туку одраз на почит – реагираше министерот Муцунски во врска со изјавата на Чамова.
Тој додаде и дека немале официјална билатерална средба туку, како што рече, кратка размена на зборови на маргинален настан, во присуство на повеќе колеги.
– Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денес навистина имавме многу „средби“. А, како што ѝ кажав на Велислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба — во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“, реагираше Муцунски преку објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Бугарската министерка за надворешни работи од Брисел порача дека имале добра прва средба со македонскиот колега и повтори дека Бугарија има јасно изразен став дека проблемот со Македонија од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земја-кандидат.
– Овој став беше потврден денес. Мило ми е што имаме многу широк политички консензус за тоа во Бугарија. Им го кажав ова и на нашите северномакедонски партнери. Очекуваме активности од нив што ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако не ја искористат оваа можност, всушност може да изгубат – изјави Петрова-Чамова.
Таа нагласи дека Бугарија останува исклучително поддржувачки фактор.
– Исто така е добро за нас да видиме посилна активност од нивна страна во согласност со постигнатите договори. Тие имаат единствена можност. Гледаме дека земји како Црна Гора и Албанија постигнуваат сериозен напредок. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако не ја искористат оваа можност, всушност може да изгубат. Да се држат до договорот постигнат во 2022 година и да преземат потребни политички чекори. Да го отворат својот европски пат – додаде бугарската шефица на дипломатијата за којашто БГНЕС објави дека играла клучна улога во воспоставувањето на преговарачката рамка за Македонија предложена од француското претседателство со Советот на ЕУ во јуни 2022 година.
Со реакција за средбата или едноминутниот разговор меѓу Муцунски и Чамова, се јави и лидерот на СДСМ Венко Филипче, посочувајќи дека министерот за надворешни работи не ја кажал вистината за средбата.
– Имало или немало средба, била таа неформална или формална, пораката што Муцунски ја доби од Петрова-Чамова е јасна, дека Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година не е билатерално, туку прашање за дискусија меѓу ЕУ и земјата кандидат и дека доколку не ги спроведе обврските Македонија би можела да ја изгуби можноста да биде дел од проширувањето на Унијата во наредните години. Без вклучување на малцинствата во Уставот – што е европско, а не бугарско прашање – нема да има напредок во интеграциите во ЕУ – изјави Филипче.
Надежите во Македонија дека Бугарија конечно ќе добие стабилна влада со која ќе може да се преговара за откочување на евроинтегративниот процес, се разбудија со изборот на Румен Радев за премиер. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски дури упати и јавна покана до бугарскиот колега да го посети Скопје, но засега нема никаков одговор од другата страна. Радев по победата на изборите беше дециден дека ќе се посвети на економските прашања и борбата против корупцијата.
Владиниот партнер на Мицкоски, Билал Касами од Вреди, завчера во интервју за „360 степени“, говорејќи за гаранциите што ги бара ВМРО-ДПМНЕ од Бугарија дека уставните измени ќе бидат последната пречка на патот кон ЕУ, порача дека неговата партија сака да биде мост за враќање на комуникацијата меѓу Скопје и Софија.
– Токму во овој правец ние сакаме да ја вратиме таа комуникација меѓу Софија и Скопје во делот на тоа ова прашање да биде последно пред полноправно зачленување на Македонија во Европската Унија. Тој проблем не бара еднострано решение. Да се надеваме дека конечно во Софија ќе има стабилна политичка влада со која ќе можеме да седнеме и да најдеме конечно решение – рече Касами.
Премиерот Мицкоски, пак, на Денот на Европа, повика на национално обединување во заедничката борба за подобар живот. „Слободен печат“ упати прашања до Владата, дали по овој повик премиерот планира да закаже некоја лидерска средба или можеби во план е подготовка на некаква национална стратегија, но не добивме одговор.


