Мајкл Фокс по цели 40 години се сретна актерот кој го замени на снимањето на филмот „Враќање во иднината“
Мајкл Џеј Фокс пред 40 години се прослави со улогата на Марти Мекфлај во култната филмска трилогија „Враќање во иднината“, но малкумина знаат дека тој го замени актерот Ерик Столц дури откако снимањето веќе било започнато, пренесува „Ентертејмент“.
Препорачано
По цели четири децении, двајцата актери конечно се сретнаа.
Во своите нови мемоари, Фокс открива дека му испратил писмо на Столц со желба да се сретнат и да разговараат по толку години, за кои многумина претпоставуваа дека биле обележани со ривалство.
Ерик Столц ја снимал улогата на Марти неколку недели, иако продуцентот Стивен Спилберг и режисерот Роберт Земекис уште од почетокот знаеле дека сакаат да го заменат. Поради обврските околу договорот тие не можеле веднаш да му го кажат тоа, па дури шест недели подоцна улогата ја презел Фокс.
Инаку, Мајкл Џеј Фокс отсекогаш бил прв избор за улогата, но поради ангажман во ТВ-серијата „Семејни врски“, не можел веднаш да добие слободно време. Затоа, продукцијата се одлучила за Столц, барем привремено.
„Ерик молчеше за ова цели 40 години. Бев подготвен дека можеби и понатаму ќе сака да молчи. Ако ми речеше ’остави ме на мир‘, ќе го почитував тоа“, напиша Фокс.
Сепак, Столц му одговорил. Иако не сакал да биде дел од мемоарите, се согласил на лична средба.
„Веднаш штом се сретнавме, почнавме да зборуваме за кариерите, семејствата и што се случувало пред толку години. Ерик влезе во просторијата со голема насмевка и веднаш сфативме дека нема никакво ривалство меѓу нас“,пишува Фокс.
Тој додава дека она што се случило на снимањето не ги направило непријатели, туку дека и двајцата биле само посветени актери кои ѝ пристапиле на истата улога со многу енергија.
Се сретнале пред неколку месеци и од тогаш редовно се допишуваат, си разменуваат идеи за филмови и понекогаш зборуваат и за политика.
Трилогијата „Враќање во иднината“ со Фокс во главната улога стана една од најуспешните и најславни филмови во историјата, а ниту Спилберг ниту Земекис никогаш не зажалија за својата одлука.


