ВИДЕО: Мајката на две деца која си го одзеде животот живеела живот под клуч и репресија, тврдат роднини

Фото: Скриншот

Младата мајка на две деца која си го одзеде животот во радовишкото село Тополница, со години живеела под притисокот на силната љубомора, контрола, доминација и заклучување во куќата од страна на нејзиниот повозрасен сопруг, тврдат анонимно роднини и соселани на жената за „Слободен печат“. Тие велат, дека единственото место каде излегувала жената било на породување и на лекар, и тоа со придружба на сопругот. Меѓутоа, тие никому не му ги пријавиле тие сознанија.

Никој не реагирал ни на податокот што таа била омажена на само 13 години за човек кој претходно живеел во куќата со нејзината мајка. Мажот во полиција не бил пријавен ни од неговата претходна сопруга и покрај тоа што од него била прободена од нож и морала да биде хоспитализирана во штипската болница. Таа од бракот избегала пред 18 години, поради честите тепања, економската злоупотреба на екс-сопругот и поради тоа што не дозволувал да го напушта домот, дури ни за да оди кај мајка и на гости. Поради насилството, односно тоа што постојано била тепана, решила да си оди од бракот и да се спаси.

„Слободен печат“ беше во Тополница и во околните села. Истражувавме како живеела девојката која во аманет остави проштална видео порака во која наведе шест лица како поттикнувачи или причинители за нејзиното самоубиство, а за едниот од нив, кажа дека и го дал отровот. Многу брзо стана јасно дека животот кој водел до самоубиство бил репресивен и нерегистриран ниту од системот на МВР ниту од системот на социјалните служби иако сите податоци им биле пред носот, а во Тополница не живеат повеќе од 450 луѓе.

Кога пристигнавме во Тополница, пред куќата каде се случи кобниот настан, а која се наоѓа на почетокот на селото, видовме дека на влезната врата е монтирана безбедносна решетка на лизгање, слична на оние кои се користат во продавниците за накит. Таа решетка беше подигната. На ѕидот на куќата од предната страна имаше поставено две камери свртени кон дворот. На десет метри од куќата се наоѓа полскиот тоалет каде беше пронајдено нејзиното безживотно тело. На оградата имаше ланец и куќата беше заклучена. Не видовме никого ни внатре ни во дворот.

На самиот влез од селото, веднаш до гробот на нејзиниот татко, закопана е младата жена. Роднините велат дека со смртта на нејзиниот татко, за неа почнал маченичкиот живот, затоа што била омажена малолетна, исто како и сестра ѝ.  За прошталната порака меѓу локалното население има две верзии односно сценарија. Првото е дека таа навистина го снимила видео материјалот и ги навела имињата на луѓето што вршеле психичко, а можно е и други видови на насилство. Но, второто сценарио е дека некој и  давал инструкции и диктат да чита однапред напишана порака за потоа да ја користи како алиби.

Сега ќе ви откријам нешто, кој е причината за ова, кој е причината што ќе посегнам по својот живот, кој ја донесе работата до овој степен. Сега ќе ги кажам (наведува шест машки имиња). А супстанцата со која ќе посегнам по мојот живот ми ја даде (наведува име). Тие секогаш ме вознемируваат, постојано ме вознемируваат. Не можам да излезам од дома, до тоалетот не можам да одам. Тие ме примораа на ова. Има и многу други, ама не знам кои се. Ве молам не ја оставајте оваа работа, обелоденете се“.

Ова беа последните зборови на младата мајка на две деца која во моментот кога посегна по својот живот била бремена во вториот месец. Но едната верзија која циркулира меѓу месното население е дека сите шест наведени лица во видеото биле во лоши односи со сопругот на жената и дека дел од нив со него работеле заедно во блискиот рудник „Бучим“. Човекот за кого во прошталната видео порака жената вели дека ѝ го дал отровот, е роднина на првата сопруга. Исто така, селаните се сомневаат дека жената го снимила видеото под притисок, под нечии директиви.

Минатата среда, 24-годишната жена по снимањето на видео пораката, била пронајдена почината во полскиот тоалет кој се наоѓа на десетина метри од влезната врата. Според извор од истрагата, на нејзиното тело немало траги од физичко насилство, односно облеката не била искината, немало модринки, ни траги од давење.

Но во нејзината проштална порака таа посочува дека е вознемирувана од шестмина мажи и дека едниот од нив ѝ ја дал супстанцата со која си го одзеде животот. Дали е тоа така или трагедијата има друга позадина, треба да открие истрагата. Но, закопот е извршен без обдукција со која можеше да се елиминираат или потврдат повеќе видови на кривични дела меѓу кои и тие од сексуална природа и можеше да се потврди дека жената била во вториот месец од бременоста.

Обвинителството ја правда својата проценка да не издаде наредба за спроведување обдукција, со тоа што „мртвопроверителот и сите докази и проверки неспорно ја утврдиле причината на смрт“. Мртвопроверителот пак, не нашол искината облека, ниту модрици и констатирал дека смртта не е насилна. Но, видео материјалот вклучува шест машки имиња за кои жената тврди дека придонеле за нејзината одлука. Членот 246 од Законот за кривична постапка, предвидува дека „обдукција ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело, а ако закопот е веќе извршен, ќе се определи ексхумација заради преглед и обдукција“.Од тоа произлегува дека барем во мигот кога била утврдувана причината за смртта, истражните органи не се сомневале дека истата е настаната со кривично дело. Но, тоа може да се промени затоа што обвинителот потоа издал наредби да се испита евентуално кривично дело.

Првичните проверки и обезбедени докази при увидот на лице место упатуваат дека во конкретниот случај смртта настапила како резултат на самоубиство. Надлежниот јавен обвинител издаде повеќе наредби и насоки со цел да се испитаат причините и евентуално кривично дело. По наредбите се постапува“, велат од Јавното обвинителство за „Слободен печат“.

Извори кои биле во куќата дента кога настапила смртта под услови на анонимност за „Слободен печат“ велат дека до телото на жената имало пластично шише во кое имало бела прашкаста материја но речиси било испразнето. Од него земени биле примероци за да се утврди за каква супстанца се работи.

ВИДЕО: Мајка на две деца си го одзема животот со труење, а прошталната порака укажува на можна тортура, заклучување и психолошко насилство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот