ВИДЕО: Мајка на две деца си го одзема животот со труење, а прошталната порака укажува на можна тортура, заклучување и психолошко насилство

Фото: Скриншот

Мајка на две деца од радовишкото село Тополница минатата среда ги заклучила децата во соба и излегла во полското веце во дворот од куќата каде се самоубила со пиење отров. Пред да си го одземе животот, таа снимила видео порака која укажува на психолошка тортура и можни други видови на насилство. „Слободен печат“ ја доби видео пораката во која што жената моли да се обелодени се и да не се остава работата туку така.

„Сега ќе ви откријам нешто, кој е причината за ова, кој е причината што ќе посегнам по својот живот, кој ја донесе работата до овој степен. Сега ќе ги кажам (наведува шест машки имиња). А супстанцата со која ќе посегнам по мојот живот ми ја даде (наведува име). Тие секогаш ме вознемируваат, постојано ме вознемируваат. Не можам да излезам од дома, до тоалетот не можам да одам. Тие ме примораа на ова. Има и многу други, ама не знам кои се. Ве молам не ја оставајте оваа работа, обелоденете се“.

Ова е последната проштална видео порака на 24-годишна жена, мајка на две деца од селото Тополница. По снимањето на видео-материјалот, минатата среда таа испила отров и си го одзела животот. Во четвртокот бил извршен закопот, без обдукција. Немало обдукција иако има информации дека жената била во вториот месец од бременоста и иако видео пораката која дојде до редакцијата на „Слободен печат“ која е последното нешто што го оставила жената на овој свет, укажува на потенцијално морбидни околности и можно насилство, тортура и затворање во домот. Селаните зборуваат дека жената никогаш не излегувала од дома и била заклучувана.

Мажите за кои жената обвинува дека се причинители за таа да посегне по својот живот, според информации на „Слободен печат“ се познати на членови на нејзиното семејство. Според нашите информации, жената живеела со сопругот и двете деца во куќа во селото, а како што тврди во видеото, не и било дозволувано ниту да оди до тоалетот кој се наоѓал надвор во дворот. Безживотното тело лекарите го нашле во тоалетот, а до него имало бела прашкаста материја во шише, поголемиот дел испиена. Кога лекарите констатирале дека смртта е ненасилна, обдукција не се барала. Но видео материјалот исклучително брзо се проширил меѓу селаните.

„На 21 јуни 2023 година од доктор од Итната медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом Радовиш, е пријавено дека М.А. од село Тополница се самоубила со труење. Извршен е увид и известен е јавен обвинител. Што се однесува до видео материјалот, полициски службеници во координација со јавен обвинител преземаат мерки за расветлување на случајот“, велат од МВР за „Слободен печат“.

Во Центарот за социјални работи Радовиш прашавме дали жената доставувала пријави за насилство низ годините.

-Ве известуваме дека согласно податоците од Центарот за социјална работа Радовиш, семејството не е евидентирано во системот на Центарот ниту како корисник на социјални права и социјални услуги, ниту пак според евиденцијата на Центарот е пријавено семејно насилство, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.

Неофицијалните информации се дека била омажена малолетна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот