Маја Вукичевиќ има за честење: Пејачката се огласи со убави вести од Сиднеј
Пејачката Маја Вукичевиќ официјално стана државјанин на Австралија. На свечената церемонија одржана во Сиднеј, меѓу присутните официјални лица беше и австралиската пратеничка Даи Ле, која лично ѝ го честиташе овој голем успех.
Препорачано
Маја, која пред неколку години одлучи да го направи големиот чекор и да се пресели на далечниот континент, денес таму гради среќен живот заедно со својот син Гораст. Овој свечен чин за неа и нејзиното семејство претставува крунисување на нивниот нов почеток.
Популарната пејачка со голема радост и емоции ја сподели веста со своите обожаватели и пријатели, упатувајќи емотивна порака:
„Со големо задоволство и благодарност денес станав државјанин на Австралија. Чест и привилегија ми е да бидам дел од оваа прекрасна земја и заедница“, напиша Маја Вукичевиќ на Фејсбук .
Таа додаде дека овој ден означува почеток на едно ново, благословено поглавје во нивниот живот, со гордост истакнувајќи ги своите македонско-австралиски врски.
На социјалните мрежи веднаш пристигнаа бројни честитки од нејзините колеги од естрадата и верната публика во Македонија, кои ѝ посакаа уште многу успеси во Сиднеј.


