д-р Маја Мојсова Мијовска / Фото : Слободен печат

Маја Мојсова: Имам план за чистотата на Карпош

Маја Мојсова јавноста ја помни како поранешна директорка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), но и како национален координатор за трансплантација. Таа беше и главен анестезиолог во тимот што ја спроведе првата трансплантација на срце и тоа во услови на ковид-19.

Пред Мојсова сега е поинаков предизвик, бидејќи таа ја прифати кандидатурата на СДСМ да биде кандидатка за градоначалничка на Општина Карпош.

За „Слободен печат“ таа открива дека се чувствува компетентна да се справи со најгорливите проблеми што ги мачат карпошани, а кандидатурата на СДСМ ја прифатила откако се уверила дека општината е во многу лоша состојба.

– Тоа што ме наведе да ја прифатам кандидатурата за градоначалничка на Општина Карпош е многу лошата состојба во која се наоѓа општината, од аспект на хигиена и инфраструктура. Нема да бидам скромна и ќе кажам дека поседувам големи капацитети и тоа планирам да го искористам за доброто на народот, за доброто на жителите на општината. Знаете, јас дознав дека сум добар менаџер и визионер кога станав директорка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и сега тоа би сакала да го ставам во функција на граѓаните од мојата општина – вели Мојсова.

Таа не сака да открива премногу од нејзината програма пред официјалниот почеток на кампањата, но за „Слободен печат“ открива дека многу ќе внимава на чистотата на општината.

– Навистина ќе се потрудам да го исчистиме сето ѓубре по улиците. Ова не го велам тукутака, бидејќи навистина имам план како да ја подобрам хигиената на Карпош, општина што во последно време се дави во смет. Исто така, ќе направам нови катчиња за пензионерите, на кои им останаа премалку места за собирање и дружење. Ќе влезам во преговори со менаџерите на кафулињата, на пензионерите да им даваат попуст, па и тие со своите пензии да можат да си дозволат квалитетен социјален живот – ни изјави Мојсова.

Таа смета дека има големи шанси да победи во изборната трка, а сигурна е дека граѓаните ќе ја препознаат нејзината визија за општината.

– Мислам дека имам многу големи шанси за победа на изборите и дека гласачите ќе ја препознаат мојата посветеност за обезбедување подобра иднина за општината, која заслужува многу повеќе од тоа што досега го има – вели лекарката.

Мојсова додава дека ги познава лично противкандидатите од кои очекува услови за фер натпревар.

– Нема што многу да говорам за кандидатите од другите партии. Ги познавам сите противкандидати лично и еве јавно ги повикувам да се собереме и да испиеме по едно кафе. Се надевам на фер борба во текот на изборната кампања и џентлменски однос од нивна страна – додава Мојсова.

Се очекува до средината на следниот месец Собранието да ги распише локалните избори во Македонија, а тогаш ќе го знаеме и точниот термин на почетокот на политичката кампања на кандидатите за градоначалничките и советничките функции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот