Маја Дамевска од Прилеп: Гнојам од глава до петици и не ми даваат да се лекувам во странство!

Маја Дамевска од Прилеп е единствената жена во Македонија која што има дијагноза пемфигус вегетанс, ретка болест на кожата, за која што сака да се лекува во странство. Меѓутоа, не успева да добие конзилијарно мислење од скопската Клиника за дерматологија, иако неколку болници, меѓу кои и во Турција, Австрија и Германија се согласиле да ја лекуваат. Болеста предизвикува гноење на буквално сите делови на телото, сериозно оштетување на ноктите и неподносливи болки.

-Гнојам од глава до петици, ситуацијата постојано ми се влошува. Сметам дека моите шанси се единствено да одам во странство да се лекувам меѓутоа проблемот е во тоа што не ми го даваат конзилијарното мислење. Во текот на 57 дена колку што се лекував на Клиниката за дерматологија во Скопје, преживеав вистинска голгота. Додека бев таму 57 дена не ми земаа анамнеза. Нивната идеја беше да ме стават на висока доза на кортикостероиди и да му докажат на целиот свет дека ќе ме лекуваат со кортико. Не ме ставија на биолошка терапија, а тоа го барав. Секаде во светот овие пациенти се третираат со биолошка терапија. Побарајте го протоколот за лекување на ретка болест. Ќе видите дека не е така како што тие ме лекуваа. Ми дадоа антибиотици од иста група и од тоа ми се појавија алергиски реакции. Едвај ги преживеав. Ја сум една во Македонија. Ако за мене се прави вакво нешто, кажете ми за тие пациенти кои немаат медицински познавања, како ќе бидат третирани. Не барам ништо од нив, туку да ме испратат надвор од државата да се лекувам, изјави Дамевска за „Слободен печат“.

Таа додава дека конзилијарното мислење не и го даваат за да може да се лекува во странство, а од кои причини не и е познато.

-Имам одговор од турска болница. Имам пуштено барања во Словенија, во Германија и во Австрија. Тие бараат да имам конзилијарно мислење и државата да го покрие трошокот. Затоа што сум единствената во Македонија, зошто да не се обидам? Не сакам вака да живеам, ова е болка. Како човек со ретка болест ќе направам се за да ми биде подобро. Мене конзилијарното ми следува, додава таа.

За случајот се обидела да го информира и министерот за здравство Венко Филипче. Во писмото му навела дека во отпусното писмо не се содржат никакви податоци за испитувањата, алергиските реакции и терапиите кои ги преживеала во текот на лекувањето.

-Како резултат на хиперсензибилизација на организмот дадени ми се имуноглобулини, чија доза не е точно наведена во отпусното писмо, а требало да делува и на бактериската инфекција. Во текот на хоспитализацијата покрај стафилокока, налепени се уште две интрахоспитални бактерии и тоа псеудомона и корине бактерија. Препораката за домашно лекување е со купки со варикина. После недела дена и влошување на гноењето направив нови брисреви во ЦЈЗ Прилеп со изолирана Мрса од гради и повторно сум без препорака за антибиотска терапија. Воедно би сакала да ве известам дека и јас сум здравствен работник и од почит кон белиот мантил досега не презела други мерки, му напишала Дамевска на министерот Филипче.

Освен тоа што 57- дневното лекување го завршила со влошување на состојбата, таа тврди дека не успеала да добие ниту биолошка терапија која може да и ја подобри состојбата. Така, без конзилијарнно мислење за да се лекува во странство и без лекарства да и ја намалат маката, таа се наоѓа во лимбо.

-Кога бев на 11-ти на контрола, докторката напиша дека треба да ми се даде биолошка терапија. Разговарав со клиниката да ми го обезбеди лекот и сакаа да го обезбедат како позајмица од друга клиника. Но, ми рекоа дека е почеток на година, дека клиниките немаат пари и дека ќе биде тешко. Ме посоветуваа да си го обезбедам лекот ако можам и сама, но не можам, немам толку пари. Гнојам од сите страни. Само ми рекоа ќе ми се јават за наредна хоспитализација и толку беше, ситуацијата алармантно ми се влошува, додава пациентката.

Неофицијално дознаваме дека други клиники го имаат лекот. Неофицијално, една терапија е 3.000 евра.

Од Клиниката за дерматологија не успеавме да добиеме став за случајот, поради оправдани причини на раководството и ќе се обидеме повторно во наредните денови.

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека станува збор за пациентка со повеќе автоимуни болести и дека таа била згрижена и лекувана на Клиниката за дерматологија по сите потребни и предвидени процедури.

„Пациентката е во добра општа состојба и редовно доаѓа на контроли. Имено, примарната терапија која и била понудена на пациентката таа одбила да ја прими поради лични причини. Биолошката терапија за лекување која таа самата ја побарала од лекарите е скапа и не е на позитивната листа на лекови. И покрај ова лекартие од клиниката ја набавиле истата на сопствен трошок. Терапијата е спремна за пациентката и ќе ја прими во секој момент. Пациентката прими терапија со цел да се подготви да ја прими биолошката терапијаааа и после таа ординирана терапија има 90 проценти клиничко подобурвање на општата здравствена состојба”, стои во одговорот на Министерството за здравство.

Дамевска пак за ова ни изјави дека првпат слуша оти се спрема за ординирање на биолошка терапија, зашто никој за такво нешто не ја известил, а дека состојбата и се подобрува за 90 проценти рече дека е невистина, бидејќи гнои од сите страни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот