Маестралните „Голдберг варијации“ од Бах на концерт на пијанистот Дино Имери ќе имаат изведба во КИЦ-Скопје
Едно од најпознатите дела на музичкиот гениј Јохан Себастијан Бах, неговите „Голдберг варијации“, ќе прозвучат на 4 декември (среда) во Културно-информативниот центар („Салон 19:19“) во 20 часот, во изведба на нашиот истакнат пијанист Дино Имери.
Концертот наречен „Кодот на Бах“ е поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија, а покрај овој централен настан, маестро Имери, во соработка со Германската амбасада во Скопје, реализира т.н. „Недела на Бах“ во првата седмица од декември, со стручни предавања и работилници за деца посветени на големиот композитор.
„Голдберг варијациите“ се споменик во целокупната западна класична музика. Икона што секој треба да ја чува во срцата и во умот, не само затоа што во нив е сокриена една прекрасна идеја на Јохан Себастијан Бах (1685-1750) за тоа како треба да звучи музиката, туку и денес се репер за нешто возвишено, нешто што ретко кој го можел и може да го достигне.
Влезот на концертот во КИЦ-Скопје е слободен.