Мадиќ контра Лога: Судскиот совет има легитимитет и интегритет, процесите се придвижуваат
Нема да коментирам ставови и одлуки на судовите бидејќи тоа е мешање на извршната во судската власт, изјави денеска заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ во врска со изјавата за притисоци на претседателката на Врховен суд, Беса Адеми и постапувањето на Судскиот совет, кој ја покани Адеми на состанок, а таа не дојде.
Препорачано
Мадиќ одговарајќи на новинарско прашање дали актуелниот Судски совет има кредибилитет да истражува за политички притисоци рече дека сите органи што се избрани од страна на Собранието, вклучувајќи го и Судски совет, во дејствувањето имаат свој легитимитет, интегритет и можат да делуваат.
– Ние гледаме дека во изминатите месеци Судскиот совет делува, носи одлуки едногласно, се подвижуваат процесите – дополни таа.
Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, вчера не се појави на средбата во Судски совет, која беше иницирана по нејзиното интервју во медиумите во кое таа изјави дека имала притисоци.
Претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев вчера изјави дека Советот функционира и работи за да ги штити судиите и од тие причини и мотиви, како што кажа, нивна должност е и барале да имаат средба да разговараат со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
– Стоиме на располагање за кој било судија, дали од Врховен или друг суд, да ја отвориме таа дискусија и да се ставиме во функција на заштита на судиите, изјави Георгиев.
Судскиот совет најави дека ќе ги покани и останатите судии од Врховниот суд или дека тие ќе одат во посета на судот.
За разлика од заменик-министерката за правда Мадиќ, министерот за правда Кренар Лога во отворена „војна“ со Судскиот совет. Тој прво бараше оставки од членовоте, па најави дека со законски измени ќе им го скрати мандатот на актуелните членови, а сега е во тек формирање на работна група која треба да направи реформа на ова највисоко тело од правосудтсвото.
Лога вчера го разреши судијата Лазар Нанев од функцијата претседател и член на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи. Тој соопшти дека до Судскиот совет доставил допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на судијата Нанев како претседател на Основен суд Кавадарци.


