Лукровски најскромен во отчетот за 100-те дена: Бил фокусиран на животната средина и на редовните активности
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска конечно излезе со отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот посочувајќи дека ја вратил комуникацијата со граѓаните, транспаретноста и го вовел граѓанскиот буџет, со цел жителите активно да учествуваат во креирањето на локалните политики. Во неговиот фокус биле животната средина и состојбата со дивите депонии.
Препорачано
Во повеќе делови од општината биле расчистени запоставени локации, меѓу кои и просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, како и неколку точки во Бардовци. Само на потегот кај „Скупи 5“ и на патот кон Бардовци биле подигнати над 3.500 кубни метри отпад. Од редовните активности се работело на подобрување на осветлувањето, редовната дератизација и одржување на противпожарната и хидрантската инфраструктура во училиштата и градинките.
Проблемите, евидентно, биле оставани да се решаваат сами од себе. Реално со години немало значајно помрднување и ефективна реализација, а транспаретноста на општината не беше на некое завидно ниво. Токму ова е еден од нашите приоритети бидејќи Карпош заслужува одговорни и транспарентни активности и ефикасно спроведување на проекти. Оваа година одбележуваме 50 години од основањето на Општина Карпош и ние мора да го вратиме имиџот на општината која е во срцето на градот, а со неа се однесувале како да е последна во градот – изјави градоначалникот Сотир Лукровски.
Според него започнати се и инфраструктурни проекти. Во тек е изградба на мултифункционална спортска сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“, реконструкција на спортското игралиште во ООУ „Владо Тасевски“, подготовка на теренот за изградба на спортска сала во ООУ „Братство“, како и повеќе улични реконструкции во општината. Во населбата Бардовци се работи на канализациската мрежа, во завршна фаза е реконструкцијата на градинката „Мајски цвет“ за која, како што вели, наследиле нецелосен проект којшто не ги задоволувал стандардите, за што веднаш реагирале и итно биле обезбедени дополнителни средства за реализација со цел задоволување на сите потребни стандарди на објектот со примарен фокус – безбедност на децата, а во тек се подготвителни активности за изградба на новата градинка „Пролет – Канела“.
Со отстранување на хаварисани возила вратени се во функција зелените површини и ослободени се повеќе од 150 паркинг места, се спроведоа контроли за узурпација и се започна со постапки за рушење бесправно изградени објекти, а воспоставен е и систем за собирање и рециклирање на отпаден текстил. Во образованието, пренасочени се средствата за протоколарни трошоци во покривање на комуналните обврски на училиштата и подобрување на условите за учениците. Поддржани се меѓународни образовни соработки, доделени се награди за ученици и ментори, а преку проекти како Erasmus+ GREENARIUM се поттикнува практично и еколошко образование – вели градоначалникот.
Во периодот што следи тој најави отварање на Младински центар во Карпош, а во рамките на спортската сала „Партизан“, ќе функционира канцеларија на Ресурсниот центар – Карпош.


