Локално и автентично: Разговор со Ања Поповиќ, сопственичка на „POP.IN“

Ања Поповиќ / Фото: Приватна архива

Во јуни ги прашавме следачите на нашиот официјален инстаграм-профил @slobodenpecat да споделат со нас мали, автентични локални бизниси, кои заслужуваат видливост, а не се во можност да одвојат буџет за рекламирање. Поставивме само еден услов: следбениците да имаат лично позитивно искуство со предлогот што ќе го споделат.

Нашата денешна соговорничка Ања Поповиќ работи како тренер по пливање за деца и е сопственичка на мал бизнис, создава уникатни рачно изработени чанти, синџирчиња за очила, паричници, синџирчиња за миленици, ранци и многу други работи.

Ања е дипломиран економист по сметководство и ревизија и, како што вели, најчеста асоцијација за ревизор е строгост проследена со монотонија, а не креативност. Затоа, решила да го покаже спротивното.

– Веќе 9 години дел од своето слободно време го посветувам на едукација на дечиња како тренер по пливање. Очигледно слободното време не ми беше „доволно“ исполнето, па одлучив да го надополнам со искажување на мојата креативност преку рачна изработка на чанти – ни раскажува Поповиќ.

Ања Поповиќ
Ања Поповиќ / Фото: Приватна архива

Што е „POP.IN“? Какви услуги нуди? Што го прави автентичен овој мал бизнис?

– ПОП (моето презиме/популарно/популација) ИН (биди ин – биди уникатен – биди шик) тоа што ние како мал бизнис го нудиме е уникатни рачно изработени чанти и други аксесоари како синџирчиња за очила, паричници, синџирчиња за миленици, ранци итн. Уникатноста е обележје на нашиот бренд поради тоа што изработуваме и модели по нарачка односно сите чанти се изработуваат по желба на клиентот. Вашата замисла станува реалност за многу краток период и сè што ќе посакате го имате. Нашето мото е да ја извлечеме креативноста од секој еден од вас и да ве поттикнеме сами да си ја дизајнирате чантата аксесоарите според вашите желби и потреби, а ние да ви ја преточиме во реалност. Затоа, ниту една чанта не е иста со претходната, исклучиво ваша и посебна!

Ања Поповиќ
Ања Поповиќ / Фото: Приватна архива

Како и кога се роди идејата? Што беше клучно и како се охрабривте да почнете сопствен мал бизнис?

– Премногу е едноставно – барем јас тоа го заклучив од целиот процес на формирање свој мал бизнис. Само треба да го сакате тоа што го правите и сè ќе оди како подмачкано. Отсекогаш мојот живот бил опкружен со креативно создавање во различни сфери, па опсесијата за чанти и аксесоари како и на секоја девојка, исплива на површина со крунисување мал уникатен бренд за рачна изработка. Сакав да си изработам нешто што ќе биде уникатен печат и обележје на мојот стил. Решив! Ја сакам оваа чанта! Пред да ја изработам мојата прва креација, не можев да дочекам да го видам финалниот производ, што пред сè ќе биде функционален, елегантен, единствен и посебен. Чувството не може да се објасни.

Ања Поповиќ
Ања Поповиќ / Фото: Приватна архива

Секој почеток носи свој предизвик. Раскажете ни, според Вашето лично искуство со овој бизнис, што сè надминавте за да бидете тука денес?

– Интересно е да се каже дека дури не се ни чувствува исцрпноста кога сакаш нешто да изгледа прекрасно, едноставно даваш сè од себе и резултатот го гледаш за многу краток период. Предизвик е во секој поглед. Почнувате нешто сами и сè што треба да направите е да работите на себе, креативноста и трудот ќе испливаат на површина.

Ања Поповиќ
Ања Поповиќ / Фото: Приватна архива

Кои грижи/стравови би ги издвоиле како „непотребни“ од денешна перспектива?

– Не би издвоила ниту една грижа или, пак, страв како „непотребни“. Тие ни го трасираат патот до успехот, но не смееме да дозволиме да нè совладаат. Би кажала дека едноставно се навикнувате да ги контролирате, а со текот на времето и со искуството почнувате да ги занемарувате сите препреки за да го искористите секој момент за создавање и остварување на вашата цел.

Ања Поповиќ
Ања Поповиќ / Фото: Приватна архива

Сигурно има и работи што ги занемаривте на почетоците, а се покажале како особено важни. Кои се тие?

– Општо кога започнуваш нов мал бизнис, се занемарува времето потребно за набавување квалитетни суровини, кое е особено важно доколку сакате да бидете конкурентни на пазарот. Меѓутоа, секогаш треба да имате алтернативни начини за обезбедување материјали за да може работата да продолжи без пречки. Затоа и за изработка на основен модел на чанта, потребно е три дена.

Ања Поповиќ
Ања Поповиќ / Фото: Приватна архива

Што е следно за „POP.IN“?

– Уште пред да го основам мојот бренд, ги следев најновите модни трендови и сакав да бидам инволвирана во секоја сфера од тој свет. Откако го основав „POP.IN“, сакав да биде дел од тие што ќе ги наложуваат идните модни трендови. Имаме големи планови за во блиска иднина, а за да ви ги откриеме, следете нè на нашиот инстаграм-профил.

Ања Поповиќ
Ања Поповиќ / Фото: Приватна архива

Што би му порачале на секој што се колеба да започне свој бизнис?

– Мислењето и реакциите од клиентите кое го добивате кога имате нешто свое, прави да се чувствувате исполнето. Задоволство е да слушаш или да видиш дека некој го почитува и го сака твојот труд, а резултатот се гледа веднаш. Не се ни мислете, само работите го тоа што го сакате и што ве прави да се чувствувате исполнето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот