Драган и Весна Вучиќ - Фото: Приватна архива

Љубовната приказна на Драган и Весна Вучиќ: Од случајна средба до вечна љубов

Животот не е мед и млеко, имаше и по некоја расправија, несогласување, ама и разговор, сè се решава со разговор. Заедничкиот живот е постојана борба за подобро утре, вели Весна.

Велат дека вистинските љубови не почнуваат со големи зборови, туку со мали, речиси случајни средби. Така започнала и љубовната приказна на Весна и Драган Вучиќ, тивко, ненаметливо, без помпа. Весна Вучиќ, една од најпрепознатливите спикерки и радио-гласови кај нас, и нејзиниот сопруг, музичарот и шоумен Драган Вучиќ, својата љубов ја започнале кон крајот на 70-тите години. Таа траела 41 година, сè до смртта на Драган во 2020 година. Денес, љубовта живее низ спомените и времето што не може да ја избрише, а токму за „Слободен печат“ ја раскажува Весна.

Првата средба се случила на почетокот на 1979 година. Заедничката другарка Анче, која подоцна им станала и кума, требало да земе скрипта со тестови за возачки испит од семејството Вучиќ. Скриптата била кај Драган.

– Мојата другарка, а подоцна кума, Анче, требаше да земе скрипта со тестови за возачки испит од нејзините кумови, семејството Вучиќ, поточно од Драган, кој веќе завршил со испитот. Тоа беше кратка средба што ни го смени животот. Во тоа време ние немавме телефон, но Драган упорен, разбрал каде живеам, па постојано со автомобилот на татко му вртеше околу куќата – да се видиме, па да се видиме…

Драган свирел секоја вечер во тогашниот „Гранд хотел“, освен во понеделник. Токму еден од тие слободни понеделници излегле заедно.

– Тој понеделник излеговме, а тој повторно со возилото на татко му и кај семафорот кај подвозникот во Црниче, се вклучи црвено светло, сопре, се сврте кон мене и ме бакна во образот. Се зачудив од неговата храброст, само го погледнав, излегов од возилото и се вратив дома. Ѝ се јавил на Анче, другарка ми, и ѝ рекол: „Весна имала некогаш дечко?“… имала, ама така одеднаш?! И така започна нашата љубов и заеднички живот што траеја сè до заминувањето на Дракче, 41 година.

Драган и Весна Вучиќ – Фото: Приватна архива

Весна била студентка на Филолошкиот факултет, а тој, штотуку вратен од војска, морнарица, музичар што веќе настапувал секоја вечер. Деновите ги минувале заедно, вечерите тој на сцена, таа понекогаш со другарките на музика. Така поминале речиси три години. Се запознавале, се изградувале, растеле заедно.

– Татко му на Драган, Миле Вучиќ, познат хармоникаш, и татко ми Пеце, секако се познаваа, ама ние ги зближивме уште повеќе. Се забавувавме речиси три години и на 28 февруари 1982 година ја крунисавме нашата љубов со голема свадба со околу 500 гости, во тогашна „Панорама“. Драган продолжи да свири секоја вечер, па и на свадби. Следуваа патувања, настапи на концерти, модни ревии. Често отсуствуваше, но мене не ми беше чудно, бев навикната, и татко ми често отсуствуваше заради работни обврски, но никогаш не ни недостастувала родителска љубов и топол дом. Така беше и со Дракче. Ни се роди Мартин, јас бев максимално ангажирана околу домот и детето, но Драган секогаш брзаше дома да биде покрај нас.

Драган и Весна Вучиќ – Фото: Приватна архива

И покрај заморот, Драган секогаш брзал дома, кај семејството. Бил грижлив, одговорен сопруг и татко, а Мартин му бил сè на светот. Весна, пак, паралелно ја градела својата професионална кариера. Работела во МРТ на смени, како најавувачка, програмски секретар, спикер, а подоцна и долги години во Радио Скопје, сè до пензионирањето во 2020 година. Таа со микрофонот, Драган со музиката, заедно „растеле“, секој во својата професија, но секогаш како тим. Иако често ја задевале дека Драган е постојано опкружен со убави жени, таа никогаш не се грижела дека ќе го изгуби.

– Честопати ме задеваа дека секогаш е во друштво на убави жени, девојки, што беше и вистина, но никогаш не сум правела љубоморни сцени, не дека ми било сеедно, но… Неколкупати во печатените медиуми и нѐ „разведуваа“, ама не обрнувавме внимание. Јас веќе работев во МРТ, на смени, така што секој си ги извршуваше своите работни обврски. Бевме млади, среќни, имавме убав живот, многу дружби, секогаш имавме време и за поширокото семејство и за пријателите… и така цели четири децении.

Драган и Весна Вучиќ – Фото: Приватна архива

Биле млади, среќни, со исполнет живот. Многу дружења, прослави, родендени, годишници од брак, годишни одмори и семејната слава Света Петка. Но, секако, животот не им бил секогаш лесен.

– Се разбира животот не е мед и млеко, имаше и по некоја расправија, несогласување, ама и разговор, сè се решава со разговор. Заедничкиот живот е постојана борба за подобро утре. Тоа е можно само ако постои заемна почит и доверба, љубов и верба во институцијата семејство, во која се вложуваш безрезервно.

По заминувањето на Драган во 2020 година, ништо повеќе не било исто. Болката и празнината останале, но таа продолжила да ги негува спомените. Весна денес живее за својот син, за семејството, за најблиските, за животот што продолжува. А љубовта што ја имале со Драган останува како сведоштво дека вистинските приказни не завршуваат, тие само се прераскажуваат со многу љубов.

Драган, Мартин и Весна Вучиќ – Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот