Ливерпул најде решение? Ако не може Семењо, може уште еден Германец
Ливерпул мора да се засили во нападот, а бидејќи Антоан Семењо е блиску до трансфер во Манчестер сити, „црвените“ се насочија кон Карим Адејеми.
Препорачано
Според одредени извори, Адејеми е поевтина и во моментов многу привлечна опција за Ливерпул, со оглед на тоа што неговата цена изнесува околу 25 милиони евра, што е исклучително поволно за зимскиот преоден рок.
Германските медиуми неодамна објавија дека Адејеми влегол во конфликт со Борусија Дортмунд, а во позадина на целата ситуација наводно стои желбата на неговата партнерка да се преселат во друга земја. Покрај тоа, самиот фудбалер има силна амбиција да заигра во Премиер лигата, а Ливерпул се наметнува како идеален предизвик за германскиот репрезентативец.
Адејеми има 23 години и договор со Борусија Дортмунд до летото 2027 година, па германскиот клуб размислува да го продаде пред тој да влезе во последната година од договорот.
Во Дортмунд пристигна во летото 2022 година од РБ Салцбург за 30 милиони евра, а досега има одиграно 129 натпревари, постигнато 32 голови и забележано 22 асистенции.
Во Ливерпул веќе го чека неговиот репрезентативен колега Флоријан Вирц, кој летово пристигна од Баер Леверкузен.
Останува прашањето – дали Карим Адејеми е идеалното решение за Ливерпул, фудбалер кој може да одговори на двете крилни позиции и да донесе нова енергија во нападот?


