Литванија ги повика земјите-членки на ЕУ да не бидат домаќини на руски дипломати

Габриелиус Ландсбергис / Фото: ALEXANDROS MICHAILIDIS / Alamy / Alamy / Profimedia

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис ги повика земјите-членки на Европската унија повеќе да не бидат домаќини на руските амбасадори.

Додека растат дипломатските тензии меѓу балтичките земји и Москва поради руската инвазија на Украина, Ландсбергис им рече на новинарите за време на посетата на Рига, главниот град на соседна Летонија, дека „не е од корист да се има руски амбасадор во европска престолнина. “.

Руските амбасади „во повеќето случаи веќе не се дипломатски институции, туку пропагандни институции кои кријат воени злосторства и генерално промовираат геноцидна агенда“, оцени тој.

Литванија го намали нивото на дипломатските односи со Москва и го протера рускиот амбасадор во април 2022 година, по масакрот во украинскиот град Буча.

Минатата недела Естонија објави дека го протерува рускиот амбасадор како возвратна мерка, откако Кремљ го прогласи естонскиот амбасадор за персона нон грата.

„Го почитуваме принципот на реципроцитет во нашите односи со Русија“, соопшти тогаш естонското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека рускиот амбасадор треба да си замине во исто време како и неговиот естонски колега, на кого Москва му го постави 7 февруари како краен рок за напуштање на руската територија.

Летонија, третата балтичка држава, најави дека поради солидарност со Естонија ќе го протера и рускиот амбасадор и ќе го повлече својот амбасадор од Москва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот