Фото: EPA/Mohamed Abd El Ghany

Лино Червар од следната сезона на клупата на РК Еурофарм Пелистер

Tрофејниот хрватски ракометен стручњак, Лино Червар (75), од следната сезона ќе седне на клупата на Еурофарм Пелистер, објави хрватски „Индекс“ наведувајќи дека со овој потег, битолскиот клуб се обидува што поскоро да се врати на врвот на македонскиот ракомет.

По сезона во која сменија тројца тренери и останаа без шампионска титула, Еурофарм Пелистер се одлучи за докажано решение. Червар веќе е во детални разговори со раководството на клубот за засилувања за следната сезона. Неговата врска со Македонија е длабока – тој поседува македонски пасош и е поранешен селектор на нашата најдобра репрезентација. Иако веќе некое време не е на теренот, клубот верува дека тој е сè уште во полна сила за да го предводи тимот.

Битолскиот клуб се бори за второто место во првенството оваа сезона и ќе остане без шампионска титула по три години. Тие исто така пропуштија место во финалето на националниот Куп. Од друга страна, одиграа солидна европска сезона, освојувајќи шест бода во групната фаза од Лигата на шампионите со две победи и два нерешени резултати.

Червар остави неизбришлив белег во историјата на македонскиот спорт како тренер на Металург, со кого создаде генерација која ги поместуваше границите. Под негово водство, клубот од скопска Автокоманда двапати стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите, во 2014 и 2015 година, во време кога целата земја живееше за ракометот. По таа епизода, тој кратко ја водеше македонската репрезентација, а потоа се врати на хрватската клупа. Во својата исклучително богата кариера, Червар освои златен медал со Хрватска на Олимписките игри во Атина во 2004 година, златен светски медал во Португалија во 2003 година и бројни други европски медали.

Иако е во подоцнежните години, емоцијата со која ги доживува натпреварите и неговиот пристап покажуваат дека сè уште има многу да понуди во ракометот. Со Металург, четири пати беше национален шампион и три пати го освои Купот, а се сеќава и на вицешампионската титула во премиерното издание на СЕХА лигата во сезоната 2011/2012.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот