Лидија Кочовска: Се обидував да станам мајка трипати, а дијабетес добив кога се загуби мајка ми
Лидија Кочовска отворено проговори за долгогодишната борба со килограмите, дијабетесот, хормоналните терапии и животните навики. Во искрен разговор во емисијата „Нешто конкретно“, таа признава дека цел живот минува низ таканаречени „јо-јо ефекти“, односно периоди на слабеење и дебелеење.
Препорачано
„Е па, јас цел живот си патам од јо-јо ефекти. Што викаше Тања Станковиќ: ‘Еднаш ќе те видам дебела, по две недели ќе те видам слаба’. Тогаш навистина инстант слабеев. Бев и полна, не можам да речам дебела во тие години, но бев и полна, бев и слаба. Повеќето време сум била слаба“, раскажува Лидија.
Таа открива дека многумина нејзината состојба ја поврзувале со генетика, но низ смеа признава дека во семејството често се шегувале на таа тема.
„Мајка ми беше цел живот гладна. А татко ми на секој залак ја опоменуваше: ‘Невена, полека’. Тања знае да каже: ‘Секако, ќе речат: нашите родители се слаби, а ние двете сме дебели. Каква генетика? Лиде, не е ова генетика, ова е дегенетика’“, вели Кочовска.
Пејачката потенцира дека никогаш не тврдела дека „живее на вода и воздух“, туку дека отсекогаш била голем љубител на храна.
„Тешки гурмани сме со Тања. Уживаме во храна, уживаме во нејзиниот мирис, уживаме во секој залак. Значи, јас никогаш не сум кажала дека не јадам. Меѓутоа, дека јадам колку што сум дебела – тоа не е точно. Јадам помалку количински“, искрена е таа.
Лидија открива и дека значителна промена во нејзиното тело се случила по хормоналната терапија што ја примала во периодот 2010/2011 година, кога се обидувала да стане мајка.
„Хормоналната терапија беше за да забременам. За жал, тоа не се случи. Се обидов и по пат на инсеминација, некакво полуин витро беше тоа. Направив два или трипати. По терапијата сè повеќе се подував“, вели таа.
Во емотивниот дел од разговорот, Кочовска се присетува и на тежок период за нејзиното семејство – исчезнувањето на нејзината мајка, која боледувала од Алцхајмерова деменција. Токму во тој период, за време на пандемијата, почнала да чувствува сериозни симптоми, кои подоцна довеле до откривање на дијабетесот.
„Ние добивме дијабетес во исто време – татко ми, Тања и јас. Тоа беше периодот кога мајка ми се загуби и ја баравме по социјалните мрежи. Почувствував страшно сушење на устата, како да бев без плунка. Мислев дека ми е од низок притисок. Некој ми рече: ‘А бе, шеќер да провериш’. И дефинитивно беше тоа – 22 и пол шеќер“, раскажува Лидија.
Таа додава дека денес, за разлика од сестра ѝ Тања, сè уште е на таблетарна терапија.
„Од нас тројца само Тања се боцка. Јас и татко ми сме уште на таблети“, открива пејачката, задржувајќи ја и понатаму препознатливата смисла за хумор во разговорот за здравствените проблеми.


