Леонардо Дикаприо е забавувач на годината според „Тајм“: Еден од ретките што го задржува статусот на вистинска филмска ѕвезда
Престижниот магазин „Тајм“ го избра Леонардо Дикаприо за добитник на титулата „забавувач на годината“ и го постави како ѕвезда на насловната страница.
Препорачано
„Тајм“ го вреднуваше 50-годишниот актер за неговото долготрајно влијание врз кинематографијата и континуираната културна релевантност на големиот екран низ децении.
TIME declares Leonardo DiCaprio this year’s Entertainer of the Year. pic.twitter.com/KE2awbDBxb
— Pop Crave (@PopCrave) December 8, 2025
Од своите рани улоги во филмови како „Животот на ова момче“ (This Boy’s Life) -1993 и „Што јаде Гилберт Грејп“ (What’s Eating Gilbert Grape) – 1993, Дикаприо избирал предизвикувачки и често „нетипични“ улоги. Иако можел да избира полесни филмови за брза заработка, тој се одлучувал за амбициозни и сериозни проекти.
Дури и по повеќе од 30 години во индустријата, публиката и натаму сака да го гледа – што е реткост во светот на филмот. „Тајм“ истакнува дека неговиот успех и репутација не се темелат само на стара слава, туку на способноста да бира паметно, храбро и разновидно.
Leonardo DiCaprio photographed by Geordie Wood for the Time Magazine. 📷 pic.twitter.com/XQV4hCfj4X
— Film Crave (@_filmcrave) December 8, 2025
Посебно е нагласена неговата улога во новиот филм „Една битка по друга“ (One Battle After Another) – 2025, во кој игра средовечен татко – лик преку кој Дикаприо ја истражува темата на одвоеност, одговорност, идентитет и општествена криза.
Филмот, и покрај ризиците и необичната приказна, оствари финансиски успех, до средината на ноември заработил над 200 милиони долари ширум светот, што покажува дека публиката и натаму верува во неговиот експериментален и уметнички пристап.
Признанието доаѓа во клучен момент, бидејќи филмот најавува доминација во сезоната на доделување награди за 2026 година.
Истовремено, благодарение на овој филм, Дикаприо се позиционира како фаворит за повеќе награди, а „Една битка по друга“ доминираше на листата на номинации за Златен глобус објавена вчера.
„Тајм“ истакнува и дека Дикаприо е еден од ретките денешни актери што го задржуваат статусот на „вистинска филмска ѕвезда“ и тоа не се темели на гламур или површни улоги, туку на длабочина, ризик и посветеност на уметноста.
Покрај глума, статијата потсетува и на неговата општествена ангажираност – преку продукција и активизам, особено во прашањата за заштита на животната средина.


