Лекарите и медицинските сестри ќе смеат да работат до 70 години
Министерот за здравство, Азир Алиу, кој денеска беше во посета болницата во Дебар, изјави дека со измените на законот, кои се во владина процедура, пензионираните лекари и медицински сестри ќе може да продолжат да работат и по пензионирањето, односно до 70-годишна возраст.
Препорачано
Според него, еден од проблемите што ги забележале е недостигот на лекари и медицински сестри во цела Македонија, па како интелектуален капацитет, кој има повеќедецениско искуство, пензионираните лекари и сестри се повеќе од потребни.
-Поради тоа темелно го сменивме законот со што сите лекари и медицински сестри, кои ќе достават барање до установата, каде недостига тој кадар, ќе може да продолжат да работат до 70-годишна возраст. Ќе имаат пензија, но ќе може и да продолжат со работа со дополнителна плата. Тоа ќе даде простор да имаме се помал недостиг на кадар. Имајќи во предвид дека здравството има потреба од искусни стручњаци и амбулантски услуги навистина овие кадри не треба да седат дома, рече Алиу.
Тој посочи дека законот сега е во владина процедура и за еден месец се надева дека сите лекари таму каде има потреба од таков профил ќе може до 70 години да продолжат да работат.
-Ова е прв чекор. Вториот, со законот за оптимизација и дигитализација на административните процеси зедовме обврска за една година од дистанца да може да ангажираме лекари кои се надвор од државата а таков кадар имаме многу во дијаспората, каде во земјите каде се наоѓаат уживаат голема почит како стручњаци. Ќе работат онлајн и како што ми рекоа во разговор со дел од нив ќе помагаат и бесплатно, додаде Алиу.
Тој денеска во болницата во Дебар го означи почетокот на пилот – проектот за телемедицина во областа на дерматовенерологијата.


