„Ролинг стоунс“ / Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Легендарните „Ролинг стоунс“ ја откажаа планираната европска турнеја за 2026 година

Легендарната музичка група „Ролинг стоунс“ ја откажа планираната концертна турнеја низ Обединетото Кралство и Европа, која требаше да се одржи во 2026 година. Веста доаѓа по медиумските написи дека гитаристот Кит Ричардс не е во можност целосно да се посвети на толку напорна турнеја, а информацијата ја потврди и извор близок до бендот.

Иако турнејата никогаш официјално не беше најавена, клавијатуристот на бендот, Чак Ливел, неодамна изјави дека новиот албум е при крај и дека се планираат настапи низ Европа. Сепак, се чини дека Ричардс, кој во четврток ќе го прослави својот 82. роденден, не може да се обврзе на повеќемесечен напор каков што бара една голема стадионска турнеја.

Во последните години, неговите настапи откриваат борба со артритис, кој самиот го опиша како „бениген“, но призна дека го принудил да го промени стилот на свирење.

Иако минатиот месец Ричардс беше во одлична форма за време на краток настап во Њујорк, таков ангажман е неспоредлив со повеќенеделна турнеја низ различни држави.

„Кога седнаа да разговараат за турнејата, Кит рече дека мисли оти не може да се обврзе и дека не е наклонет кон голема стадионска турнеја подолга од четири месеци“, изјавил неименуван американски музички критичар за британскиот таблоид „Сан“.

„Ролинг стоунс“ редовно одржуваа турнеи од раните 2000-ти години, но распоредот постепено се намалуваше како што членовите на бендот (Мик Џегер (82), Рон Вуд (78) и Кит Ричардс) старееја.

По смртта на тапанарот Чарли Вотс во 2021 година, неговото место го зазеде долгогодишниот соработник на Ричардс, Стив Џордан. Последната турнеја на бендот беше „Хекни Дајмондс“ во Северна Америка, која опфати 20 концерти во период од три месеци.

Добрата вест за фановите е дека новиот албум, втор по ред продуциран од 35-годишниот Ендрју Вот, се очекува следната година. Вот, познат по соработките со Лејди Гага, Елтон Џон и „Пирл Џем“, внесе нова енергија во бендот и помогна во завршувањето на „Хекни Дајмондс“ – нивниот прв албум со нови песни по речиси 15 години, објавен во 2023 година.

„Знаев дека Енди и јас можеме да работиме заедно уште при првата средба. Има заразен ентузијазам и одлична работна етика, а плус е и извонреден музичар. Веднаш се пронајдовме и она што мислев дека ќе биде тежок процес го претворивме во забавна и лесна работа“, изјави Џегер минатата година.

Ричардс додаде: „Ендрју има заразна виталност и неуморен ентузијазам – што е една од најважните особини за еден продуцент. Покрај тоа, беше навистина забавно да се работи со него, уште една голема предност!“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот