Легендарниот тапанар Гарабет Тавитјан доби интернационална награда за животно дело: Потврдата од публиката е највредниот показател за нас уметниците

гарабет тавитјан
Фото: Приватна архива

Иако  тапаните и тапанарите се базичен и неминовен дел од музичката линија на секој бенд, тие особено во изминатите времиња не беа подеднакво акцентирани како што тоа обично бидува со фронтмените на бендовите.

И покрај тоа, нашата тапанарска легенда Гарабет Тавитјан (член на подеднакво лендарната група „Леб и Сол“) со својот каратеристичен, уникатен стил на музицирање ќе успее да биде препознаено и признаено име  во текот на својата  фасцинантна безмалку шеесетгодишна  кариера низ која постојано ќе се закитува со огромен број на награди и признанија од кои некои еднинствени во Македонија. Овие денови на неговата музичка адреса пристигна уште едно значајно признание за се‘ досега постигнато кое  ја надополнува неговата богата колекција на трофеи-престижната награда за животно дело на регионалнот фестивал „Драм дам Фест“ во Лесковац, Србија, награда од браншата која оваа година се доделува за прв пат од десетгодишното постоењето на фестивалот.

Гарабет Тавитјан
Фото: Приватна архива

-Дали во витрината полна со награди кои не можат да се добројат, наградите од типот “за животно дело“ поинаку сјаат?

Добитник сум на преку 50-тина награди, некои во времето на Југославија а и подоцна по осамостојувањето на државата. Меѓу најдрагите ми се државната награда „Св. Климент Охридски“ за највисоки постигнувања во уметноста и науката, награда за најдобар тапанар во Југославија, „Војдан Чернодрински“ за музика, победник на Опатискиот фестивал со групата „Излез“, „Златна ружа Швајцарија“, „13 Ноември“, златна и сребрена плоча со групата „Леб и Сол“, награди за трајни вредности, животно дело во Македонија, „Личност на годината“,„ Амбасадор на Македонската музика“,  Албуми на годината, Концерти на годината,  „Најдобра група во Италија“, Србија, Хрватска, Македонија, Југославија и уште многу многу други. По повеќе од 55 години работа, можам да кажам дека сум благодарен за сите домашни и странски признанија иако тие се само една компонента за потврдата на креативното творештво и историски придонес на еден уметник. Пред се –  квалитетот, напорната и континуираната работа како и фидбекот на аудиториумот се највредните показатели за нас уметниците.

Гаро и Гарабет Тавитјан
Фото: Гаро и Гарабет Тавитјан / Извор: Приватна архива

Од каде доаѓа оваа награда и што претставува?

Наградата за животно дело е на иницијатива на регионалниот  фестивал за тапани од Србија „Дам драм Фест“.

Тие допатуваа во Скопје за да ми ја врачат наградата поради ситуацијата со пандемијата. Тие се прекрасни и ентузијастични луѓе, а преку нашите настапи низ годините станаа и наши музички пријатели. Јас секогаш подржувам фестивали и луѓе кои го слават ритмот и сакаат да ја негуваат    тапанарската уметност и затоа со задоволство дадов подршка примајки ја оваа награда. Тие имаат голем респект за она што го работев изминатите 55 години, а за мене тоа е уште една пријатна потврда дека мојот ритам и музиката оставиле печат и имаат свој живот кај постарите и актуелните генерации.

Гарабет Тавитјан
Фото: Приватна архива

Што ви е најзначајно во целата кариера?

По илјадниците концерти, првите носачи на звук, златните,  сребрени плочи, соработки и турнеи по стадиони и најголемите сали ширум Балканот и Европа па се до најмалите места, музиките за филмови, претстави и балети, промоцијата на неправилните ритми во и надвор од земјата, поставување на темелите на ритмот во регионот, па се‘ до тоа да имам наследници на мојата музичка лоза преку моите синови Диран и Гаро кои се врвни и светски признати уметници имам потполно исполнет живот.

Имам и цела плејада фантастични музичари кои се мои ученици а денес работат и творат во целиот регион.

Што би можел да посакам повеќе? Благодарен сум на мојата жена Слаѓана, која имаше и има огромна љубов и трпение низ сиве овие години на предизвици, жртви како и убави моменти и успеси кои ги поминавме заедно и можам да кажам дека таа има најголема заслуга и значење за се‘. Тоа е за мене назначајно. Љубовта и семејството.

Гарабет Тавитјан
Фото: Леб и Сол / Извор: Приватна архива

Скоро шеесетгодишна кариера не е само квантитет туку и импозантен портфолио квалитет од настапи, соработки, едукација и продукција, изискува нужно оставштина во форма на монографија, се предвидува ли такво нешто?

Да, монографија за мојата работа, творештво и едукативна дејност веројатно ќе се реализира наскоро.

Тоа е обемна материја и бара добар тим фокус и време.

Гарабет Тавитјан
Фото: Приватна архива

-Сликате ли се уште и како немирен дух како Вас ги минува овие “корона“ денови?

Неодамна имав мултимедијална изложба со концертен перформанс во Македонската Филхармонија. Направив селекција и изложив триесетина мои ликовни дела кои ги сликав во период од 30 години. Преку нив можат да се видат разни фази и расположенија на мојата креативност но и интересни техники на цртање кои ги користев. Посебно ме инспирираат природни материјали т.е. зачини и плодови од кои создавам бои за моите слики. Го сакам апстрактниот израз и симболизмот. За време на пандемијата направив неколку нови дела кои ке бидат дел од следната моја изложба. Овие чудни времиња за сите нас донесоа предизвици кои не натераа да се преиспитаме за вистинските приоритети, а тоа се личното здравје и животот, семејството и луѓето кои се тука за нас без разлика на околностите во кои се наоѓаме.

Благодарен сум на Бога и посакувам на сите читатели добро здравје и благосостојба како и поубава иднина.

Гарабет Тавитјан
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот