Светислав Пешиќ / фото: kss.rs

Легендарниот Пешиќ најави пензија: Навистина, веќе е доста

Легендарниот тренер Светислав Пешиќ кој го предводи Баерн Минхен, каде што настапува македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ, во интервју за германскиот весник „Die Zeit“ откри дека крајот на неговата тренерска кариера е сѐ поблиску.

Пешиќ сезонава пристигна во Баерн и успеа да ги разбуди „баварците“, враќајќи им ја конкурентноста по серијата лоши резултати.

Трофејниот стратег, кој во својата кариера има освоено речиси сѐ што може да се освои, истакна дека во последно време конечно спие мирно, нешто што, како што вели, не било случај во најголемиот дел од неговата кариера.

„Всушност, не сакав да работам до крајот на сезоната. Сакав да имам повеќе време за семејството, особено за мојата сопруга Вера. Потоа ми се јави Херберт Хајнер, претседателот на Баерн. Клубот штотуку се раздели со Гордон Херберт по осум последователни порази во Евролига. Ме праша дали можам да го преземам тимот до крајот на сезоната. Му реков дека најпрво сакам да разговарам со сопругата. Вера ја сака кошарката, дури и самата играше. Ми рече: „Ако те повика претседателот, не можеш да кажеш ‘не’.“ Не би прифатил ниту еден друг клуб, но со Баерн Минхен се идентификувам сто отсто. Тоа е мој клуб, клуб на моето срце“, изјави Пешиќ.

Искусниот стратег најави дека по крајот на сезоната ќе стави точка на тренерската кариера.

„Секогаш ќе бидам дел од кошарката, ќе одржувам предавања и слично. Но, во оваа фаза од животот повеќе не можам да бидам главен тренер. Знам дека луѓето нема да ми веруваат кога ќе кажам дека се повлекувам, но по оваа сезона навистина е доста. Имам прекрасен дом во Барселона, каде што живее дел од моето семејство. Сакам да поминувам повеќе време и во мојот роден Пирот. Сакам да го доживеам животот од поинаква перспектива“, порача Пешиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот