Лажниот доктор студирал во Штип, ама не завршил – во Вевчани бил и шеф на службата за Итна помош

Фото: ТВ Алфа / принтскрин

33-годишниот вевчанец, за кој минатата недела беше откриено дека шест години ги лечел соселаните без воопшто да има диплома за лекар, во последнава година и пол бил дури и раководител на службата за Итна медицинска помош во Здравствениот дом во Вевчани, објави ТВ Алфа, која и го откри случајот.

Тој стигнал само до апсолвент на Факултетот за медицински науки на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Оттаму велат дека на лажниот доктор не му било издадено ниту уверение, ниту диплома.

„До нас не е пристигнато ниту едно барање од надлежен орган за проверка на документација. Но според она што ние го проверивме, последен пат тој бил активен на медицинскиот факултет во Штип 2014-2015 година, кога бил апсолвент. Запишан бил 2008-2009 година. Факултетот нема издадено ниту диплома, ниту уверение за тој студент“, велат од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип за „Алфа“.

Него го нема ниту во регистарот на Лекарската комора, бидејќи како што вели претседателката на комората, доктор Калина Старделова, тој немал лиценца за работа, нити имал положено стручен испит.

Извори за „Алфа“ потврдуваат дека сомнителниот лекар во октомври 2016 година, кога е примен на работа во службата за Итна медицинска помош, приложил оргинални документи од диплома, уверение за положен стручен испит и лиценца за работа, но никој не се посомневал во веродостојноста, сè до пред неколку дена кога во Здравствениот дом стигнал допис од Лекарката комота дека не постои лиценца за работа со таков број и под тоа име.

Засега ниту од полицијата, ниту од Основното јавно обвинителство не соопштуваат детали за случајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот