Кире Лазаров - Слободен печат/Драган Митрески

Лазаров: Не се победува секој ден 15 разлика, создаваме тим кој ќе ја прави Македонија горда

Селекторот на Македонска машка ракометна репрезентација, Кире Лазаров, не го криеше задоволството по убедливата победа над Словачка машка ракометна репрезентација од 38-23, резултат со кој Македонија обезбеди пласман на ново Светско првенство.

Македонските ракометари одиграа сигурен и доминантен натпревар, а Лазаров по мечот истакна дека пристапот и дисциплината на неговите избраници биле клучни за убедливиот триумф.

„Треба да бидеме задоволни без разлика на квалитетот на противникот. Словачка покажа против Украина дека поседува квалитет и не е лесно да се победи таква селекција. Им честитам на момците, бидејќи не се добива секој ден со 15 голови разлика. Одигравме сериозно и одговорно, а токму тоа го барав од играчите“, изјави Лазаров.

Тој нагласи дека е особено важно што шанса добиле и ракометарите со помала минутажа, со цел тимот да биде подготвен за уште поголеми предизвици во иднина.

„Имавме одредени падови во играта, но генерално одигравме квалитетен натпревар. Важно е што и останатите играчи добиваат простор, бидејќи така создаваме поширок ростер за потешките натпревари што следуваат“, додаде македонскиот селектор.

Лазаров посочи дека репрезентацијата постепено гради препознатлив систем и тимски дух, нешто што, според него, било една од главните цели во изминатиот период.

„Во последната година и пол создадовме група која се бори еден за друг. Играчите се дисциплинирани и никому не му е најважно кој ќе биде во прв план, туку сите сакаат Македонија да победува. Тоа е процес што го градевме долго и сега треба да го задржиме“, порача Лазаров.

Селекторот потенцираше дека националниот тим минува низ голема генерациска промена, но и покрај тоа успева да остане дел од големите натпреварувања.

„Откако сум селектор, ова ќе биде шесто големо натпреварување во низа на кое ќе настапиме со речиси целосно променет состав. Процесот бара трпение, но успеавме да останеме на големата сцена и да создадеме тим кој ќе ја прави Македонија горда и во следните години“, истакна Лазаров.

Тој на крајот порача дека репрезентацијата нема да си поставува нереално високи цели, но вети дека борбеноста никогаш нема да изостане.

„Не треба да си создаваме дополнителен притисок, но едно е сигурно, оваа репрезентација никогаш нема да се предаде против никого“, порача Лазаров.

ГАЛЕРИЈА | Славје во „Борис Трајковски“, Македонија никогаш не победила поубедливо во мундијалски бараж

Словачка прегазена во Скопје – Македонија во голем стил до осмо Светско првенство во низа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот