Рубио и Лавров на самит на АСЕАН во август 2025 г. / Фото: EPA/FAZRY ISMAIL

Лавров ги обвини САД за грубо кршење на меѓународното право

Фундаменталната проценка на Русија за нелегалната операција на САД во Венецуела останува валидна, а тоа е грубо кршење на меѓународното право, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Нашиот став останува непроменет. Овој став е фундаментален, заснован на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите држави, чии влади природно ги претставуваат интересите на целото нивно население. Венецуела беше токму таква држава, па затоа нашата фундаментална проценка за нелегалната операција спроведена од Соединетите Американски Држави останува валидна и ја делат огромното мнозинство држави на глобалниот Југ и глобалниот Исток“, рече Лавров, според AПА.

Според него, Русија и Венецуела имаат долга историја на стратешки односи, а Москва е посветена на претходно постигнатите договори.

„Само западноевропските земји и другите сојузници на Вашингтон срамно се обидуваат да избегнат давање фундаментални проценки, иако на сите им е јасно дека зборуваме за грубо кршење на меѓународното право“, заклучи Лавров.

Кога станува збор за Украина, тој рече дека само решавањето на основните причини за украинскиот конфликт ќе обезбеди долгорочен мир.

„Средбите во Русија со специјалниот претставник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, беа сериозни и конкретни. Нивната цел беше да се справат со основните причини за украинската криза и да се договорат за начините за нивно надминување. Во спротивно, не може да се очекува одржлив, долгорочен мир“, рече Лавров, според РИА Новости.

Како што изјави, Москва останува отворена за разговори за Украина, сè додека овие разговори се отворени и сериозни.

„Рускиот претседател Владимир Путин постојано, вклучително и на разни настани во последните недели, ја потврдуваше нашата позиција за отвореност за разговори за Украина, доколку овие разговори се од сериозна природа и доколку оние кои се заинтересирани за такви разговори се навистина подготвени за нив и имаат што да кажат“, рече тој.

Според него, Русија сè уште не добила информации за декларацијата за Украина од европската „Коалиција на волјата“, но Москва е подготвена да се запознае со деталите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот