Лавров: Америка ни вети украинска територија
Соединетите Американски Држави ѝ ветиле на Русија дека Украина ќе се откаже од дел од својата територија во рамки на мировен договор, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесе „Телеграф“.
Препорачано
Според неговите зборови, администрацијата на Доналд Трамп сфатила дека „териториите каде што Русите живееле со векови треба повторно да станат дел од Русија“.
Разбирање меѓу Кремљ и Вашингтон
Лавров притоа мислеше на Доњецк, Луганск, Херсон, Запорожје и Крим – пет украински региони кои Владимир Путин незаконски ги анектираше во 2022 година. Неговите коментари доаѓаат по разговорите што американски претставници ги одржаа во Берлин со украински и европски лидери за можно мировно решение.
Путин побара повлекување на Украина од преостанатиот дел од Донбас, кој ги опфаќа Доњецк и Луганск, а кој во моментов не е под руска воена контрола. Москва, исто така, инсистираше на забрана за влез на Украина во НАТО, а Лавров тврди дека и тој услов САД го разбираат.
„Нашиот став е јасен. Коренските причини за конфликтот мора да бидат елиминирани“, рече тој. „Тоа ги вклучува заканите за Русија создадени со ширењето на НАТО на исток кон нашите граници и напорите Украина да се вовлече во алијансата. Добро е што САД го разбраа тоа. Јасно изјавија дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо“, додаде Лавров.
Уште пред мировните преговори во Берлин, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се откаже од амбицијата за членство во НАТО во замена за безбедносни гаранции од САД и Европа.
„Платинска“ понуда и ултиматум до Киев
Деталите за „платинската“ понуда на Вашингтон за безбедносни гаранции сè уште не се познати, но се верува дека тие се слични на обврските од членот 5 од Повелбата на НАТО.
Тоа би можело да значи дека САД и Европа би ѝ обезбедиле директна воена поддршка на Украина во случај на идна руска инвазија.
Сепак, американските претставници предупредија дека таквите гаранции „нема да бидат на маса засекогаш“, што се толкува како јасен ултиматум до Зеленски да ги прифати условите.
САД веруваат дека договорот за завршување на војната е поблизу од кога било, а како преостанати спорни точки ги наведуваат отстапките околу регионот Донбас и нуклеарната електрана Запорожје.
„Мислам дека сега сме поблиску од кога било досега“, изјави американскиот претседател Трамп пред новинарите синоќа.


