Илустративно фото: Pixabay

КСЗД: 90 отсто од пријавените случаи за дискриминација врз луѓе со ХИВ лани се случиле во здравствениот сектор

По повод Денот на нулта дискриминација, Комисијата за заштита и спречување на дискриминација (КСЗД) потсетува дека секој има право на живот со достоинство, еднаквост и целосна заштита на човековите права, а притоа посочува дека годинава фокусот е на континуираната дискриминација со која се соочуваат луѓето што живеат и се изложени на ризик од ХИВ.

„Таквата дискриминација директно го ограничува пристапот до здравствени услуги, доведува до повреда на основните права и го попречува глобалниот напредок кон искоренување на СИДА-та до 2030 година. Централната порака на овогодинешното одбележување е јасна – луѓето мора да бидат ставени на прво место“, соопштува КСЗД.

Во Македонија, велат од Антидискриминаторска комисија, стигмата кон луѓето што живеат со ХИВ и понатаму е присутна, особено во здравствениот сектор.

Една третина од луѓето со ХИВ не ни знаат дека го имаат вирусот – државата мора да инвестира во тестирања и рана дијагностика

„Според податоците за 2025 година, 90% од пријавените случаи на дискриминација врз лица што живеат со ХИВ се евидентирани токму во здравството. Овој податок укажува дека недоволното познавање на начинот на пренос на ХИВ и стравот заснован на предрасуди, резултираат со здравствени нееднаквости и прекршување на човековите права“, нагласува КСЗД.

Според Комисијата, доказите се недвосмислени – податоци собрани од повеќе од 30.000 луѓе што живеат со ХИВ во 25 земји покажуваат дека стигмата и дискриминацијата остануваат сериозни и широко распространети бариери за пристап до здравствена заштита, достоинствен третман и ефективна заштита на човековите права.

ИЈЗ: Регистрирани 38 лица со ХИВ/СИДА во Македонија годинава

 

„Наместо поддршка и солидарност, многу лица сè уште се соочуваат со предрасуди, одбивање и нееднаков третман“, децидни се од КСЗД.

Како што посочуваат, образованието претставува клучна алка во сузбивањето на стереотипите и предрасудите што генерираат дискриминација кон ранливите категории, особено кон девојките и жените, лицата со попреченост, ЛГБТИ лицата и Ромите.

„Оттука, законската рамка во областа на образованието мора експлицитно да ги препознае овие категории и да обезбеди правна основа за системски програми насочени кон елиминирање на родовите стереотипи, стигмата поврзана со сексуалната ориентација и здравствената состојба, како и предрасудите врз основа на етничка припадност. ЛГБТИ децата често се изложени на врсничко насилство (булинг), додека девојчињата се соочуваат со зголемен ризик од родово базирано насилство и сексуално вознемирување. Загрижувачки е фактот што значителен процент од ЛГБТИ младите изјавуваат дека размислувале за самоубиство“, соопштуваат од КСЗД.

Ова, дополнуваат од таму, е јасен показател дека образовните политики мора да бидат насочени кон создавање безбедна и инклузивна средина во која ниту едно дете нема да се чувствува отфрлено или небезбедно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот