ХИВ/СИДА/Илустративно фото: Gabriel Romero / Alamy / Profimedia

Една третина од луѓето со ХИВ не ни знаат дека го имаат вирусот – државата мора да инвестира во тестирања и рана дијагностика

На национално ниво се проценува дека околу 620 лица живеат со ХИВ, но само 71,4 % од нив се дијагностицирани што значи дека 3 од 10 лица не знаат дека имаат ХИВ. Овој факт го одржува преносот активен и ја отежнува контролата на епидемијата.

Македонија заостанува зад глобалниот просек на дијагностицирани лица со ХИВ, со 86 % во 2023, наместо потребните 95 %. Потребно е државата да го забрза одговорот и да се зголеми раното тестирање и дијагноза, беше кажано на денешната Национална конференција за ХИВ, организирана од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Здружението за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари.

На национално ниво се проценува дека околу 620 лица живеат со ХИВ, но само 71,4 % од нив се дијагностицирани што значи дека 3 од 10 лица не знаат дека имаат ХИВ. Овој факт го одржува преносот активен и ја отежнува контролата на епидемијата.

Насочените превентивни активности на граѓанските организации остануваат најефикасни. Само со 393 тестирања кај МСМ популацијата (мажи кои имаат секс со мажи) во 2024 година, откриени се 8 нови случаи на ХИВ, што претставува 28 пати повисок процент на позитивитет од вкупниот јавен и приватен здравствениот систем.

И покрај тоа, опфатот со превентивни услуги опаднал за една третина во последните пет години, од 11.028 лица во 2019 на 7.453 во 2024, а поради намалување на средствата на Програмата за ХИВ.

Земјата постигнува висок процент на успешен третман, 90 % од дијагностицираните лица примаат терапија, а 95 % имаат потиснат вирус.

„За понатамошно намалување на ХИВ инфекциите, неопходен е системски пристап, што значи воспоставување и имплементирање синергии со примарната здравствена заштита во рамките на јавниот здравствен систем. Ова е поврзано и со предвидливо финансирање, кадар, ресурси и обезбедување услуги, истовремено поттикнувајќи мултисекторски одговори на социјалните и структурните детерминанти на здравјето“ изјави Н.Е. Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во РСМ.

Швајцарија е долгогодишен поддржувач на граѓанските организации во Северна Македонија преку програмата Civica Mobilitas. Во глобалната борба против ХИВ Швајцарија издвојува 64 милиони швајцарски франци за Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија за периодот 2026–2028.

„Во текот на изминатите три децении, поддршката на СЗО беше практична, конзистентна и усогласена со локалните потреби. Од 2003 година, помогнавме во воспоставувањето на советување и тестирање за ХИВ, во развојот на национални клинички упатства и воведувањето протоколи засновани на докази за третман и следење на вирусното оптоварување. Ја поддржавме интеграцијата на услугите за ХИВ во примарната здравствена заштита, ги проширивме патеките за PrEP, го зајакнавме тестирањето во заедницата и обезбедивме непрекинат пристап до АРВ за време на COVID-19 и други кризи“ изјави д-р Аким Али, претставник на СЗО и шеф на канцеларијата во земјата.

Македонија мора да го забрза одговорот на ХИВ

Од ХЕРА велат дека 30 отсто од лицата со ХИВ не ни знаат дека го имаат вирусот.

„Нашата земја мора да го забрза одговорот на ХИВ: речиси една третина од лицата кои живеат со вирусот сè уште не се дијагностицирани. Граѓанските организации откриваат нови случаи 12 пати поефeктивно од здравствениот систем, што е јасен доказ дека стратешките инвестиции во превенција носат најсилни и најбрзи резултати. Ниту еден граѓанин не смее да остане невидлив или без пристап до грижа.“ – изјави Оливера Стојковска, Програмска раководителка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Континуираната достапност на терапија е најважна за лицата кои живеат со ХИВ, таа овозможува здрав и нормален живот и го спречува понатамошниот пренос на вирусот, вели извршниот директор на Здружението за поддршка на лицата кои живета со ХИВ „Заедно посилни“, Андреј Сених.

„Оваа година за прв пат се обезбедија лекови за 24 месеци, што значително ги намалува ризиците од прекин на терапијата. Но за навистина да го запреме растот на епидемијата, мора да инвестираме во тестирањето и раната дијагностика, за секоја новодијагностицирана личност веднаш да добие современа терапија“ изјави Сених.

Конференцијата ги обедини клучните институции, меѓународни организации и граѓански здруженија со цел да се отвори сеопфатна и базирана на докази дискусија за предизвиците во националниот одговор на ХИВ. Настанот се фокусираше на подобрување на превенцијата, раната дијагностика, пристапот до третман и координацијата меѓу институциите, со крајна цел усогласување со глобалните цели за ставање крај на епидемијата до 2030 година.

Конференцијата се реализира во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, финански поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика Мобилитас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот