Курто Дудуш негира дека скандалозната снимка е валидна

Во јавноста се појави аудио снимка на која наводно се слуша гласот на градоначалникот на општината Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој наводно тепа одредено лице кое го затворил во својата канцеларија.

Аудио снимката беше објавена од порталот Лидер кој тврди дека истата им ја доставил свиркач.

„Ајде седни, чекај да ја заклучам вратата за да не ми избегаш. Имам со тебе да завршам некоја работа“, – ова е почетокот на аудио снимката која ја објави Лидер.

На аудио снимката потоа се слуша како наводно градоначалникот Дудуш започнува физички да го малтретира лицето притоа прашувајќи го зошто пцуел „на сред центар“. Исто така, се слушаат и повеќе силни удари и тепање на лицето, кое наводно било заклучено во канцеларијата на Курто Дудуш.

Од истражните органи се уште нема официјална реакција за овој настан.

Градоначалникот Дудуш за порталот Фокус изјавил дека снимката е монтирана од осуденик, и дека доколку беше вистина ќе имаше и повреди и случај.

„По повод вчерашната аудио-снимка објавена од т.н новинар Љупчо Златев на која тврди дека се слуша мојот глас, сакам да му порачам, неговото новинарство и професионалност е познато веќе од одамна на пошироката јавност. Со континуирано вклучување во монтирани политички хајки против мене нема да стане поугледен новинар, туку само ќе заработи соодветна пријава за нарушување на углед и чест. Соработката со криминалци од калибарот на Сенат Јашар, поранешен осуденик за вооружен грабеж и осомничен за ред други случи на насилство и нарушување на јавен ред и мир, нема да му донесе новинарски поени бидејќи од такви лица може да добие само монтирани аудио снимки. Да имало вистина во снимката, ќе имало повредени, лекарско уверение, случај!“, вели Дудуш во изјавата за Фокус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот