МКК Куманово/КФМ

Куманово го доби и ТФТ за финале против МЗТ

Кошаркарите на Куманово приредија изненадувањето и обезбедија место во финалето на Купот на Македонија, откако пред својата публика славеа над ТФТ со 87-79. Тимот предводен од Марин Докузовски одигра храбро и дисциплинирано, па заслужено ќе се бори за трофејот против актуелниот шампион МЗТ.

Иако Куманово имаше напорен четвртфинален дуел против Пелистер, тоа не се почувствува на теренот. Почетокот му припадна на ТФТ, кој отвори со серија од 6-0, но домашните брзо фатија ритам и израмнија на 8-8. Николиќ и Луковиќ беа движечка сила во нападот, додека кај скопјани во првите минути поентираа само Стенли и Гордон. Во финишот од првата четвртина ТФТ успеа да се одлепи и на првата пауза замина со плус шест (24-18).

Втората четвртина донесе нова енергија кај домаќинот. Стевановиќ со неколку врзани поени ја стопи разликата, но ТФТ одговори преку Дејвис, кој со две тројки донесе највисоки осум поени предност (34-26). Сепак, кумановци не дозволија резултатска криза и до заминувањето на одмор резултатот повторно беше израмнет (45-45).

Во продолжението, Куманово заигра посигурно и поконкретно. Ѓуроски и Луковиќ погодија во клучни моменти, па домаќините го презедоа водството. Следуваше период на надигрување со чести промени на водството, но кумановци подобро го искористија финишот на третата четвртина и ја завршија со предност од шест поени (74-68).

Поддржани од громогласната публика, избраниците на Докузовски во последниот период заиграа уште посамоуверено и стигнаа до двоцифрена разлика (80-70). Иако ТФТ се обиде да се врати и внесе доза неизвесност во завршницата, Куманово остана присебно и ја зачува предноста за голема победа и пласман во финалето.

Николиќ блескаше со 31 поен и беше нерешлива енигма за противничката одбрана. Луковиќ додаде 17, а Стевановиќ 11 поени. Кај ТФТ, Стенли реализираше 24 поени, додека Гордон постигна 15, но тоа не беше доволно да се спречи славјето на кумановци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот