Жарко Настоски / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Културата на пресметана ќутенка што ги уби Ивана и Катја

На луѓето, граѓаните, но и на правдата и на вистината им е конечно доста од тоа завиткување на работите во малограѓанските обланди што ги заговарате. Токму поради тие калкулации што да ѝ се покаже на јавноста, а што да ѝ се сокрие, сме тука каде што сме.

Судењето на Стојанче Јовановски, обвинет дека долго време ги изложувал сопругата Ивана и ќерката Катја на брутално насилство, што на крајот ја натерало жената да се самоубие заедно со девојчето, по сите особености има потенцијал да биде пресвртна точка во односот на македонското општество кон семејното насилство.

Деновиве јавноста, што е сосема нормално и очекувано, со најголемо внимание го следи овој случај, во кој пред нас одново се открива шемата на срамниот однос на државата кон жените жртви, целата незаинтересираност на институциите, целата грда слика за срамното вртење глава на неспособните полицајци и социјални работници што придонеле за трагедијата. На обвинителната клупа е непосредниот злосторник, но покрај него, невидливи, седат и сите што го дозволиле таквиот отровен амбиент на ефективна заштита на насилниците и со тоа му помогнале на Стојанче до смрт да се изживува со сопственото семејство.

Додека сите читаме што се случува и се обидуваме тоа да го процесираме, ментално и емотивно, се појавија некои гласови меѓу новинарите што сметаат дека повеќето медиуми од судењето известувале на несоодветен начин. Дел од колегите, кои самите не известуваат од судењето, велат дека не требало да се пренесуваат деталите од него, посебно од сведочењето на обвинетиот насилник – самото пренесување на тие детали, тврдат овие колеги, ја наведувало јавноста да се приклони кон страната на насилникот и нудело оправдување за неговото однесување.

За да ги постават овие тези, парадоксално, дел од тие колеги се повикуваат на детали од судењето што немало да ги знаат, ако не им ги пренеле токму новинарите и медиумите што сега ги кудат дека не требало да ги пренесуваат.

Наместо, како што би бил прво човечкиот, а потоа и колегијалниот ред, да застанат и да размислат, да прашаат како се новинарите, репортерите што во таа судница деновиве се борат со најтешкиот професионален предизвик: да ги слушаат таму, непосредно, мачните поединости на овој ужасен случај и да останат здрави, овие самоповикани арбитри решиле дека сега е соодветно да се фрлат на критика, безмалку во напад на нивните колеги за тоа што поединостите на случајот ѝ ги пренеле на јавноста, што воопшто им ги раскажале на луѓето.

Да биде ова уште потешко разбирливо, сите медиуми што известуваат од судницата, тие неправедно ги потпикнуваат под плаштот на своите мемливи дефиниции на етичноста и сензационализмот, заклучувајќи, од замислените високи позиции, дека сите тие медиуми што детално известуваат за овој случај – мора да биле мотивирани од бркањето кликови.

Не, колеги. Токму вашите ламентации и неповикани поуки го одвлекуваат вниманието од непријатната суштина на оваа трагедија и ја водат во стерилната зона на релативизацијата и еуфемизацијата. На луѓето, граѓаните, но и на правдата и на вистината – им е конечно доста од тоа завиткување на работите во малограѓанските обланди што ги заговарате. Токму поради тие калкулации што да ѝ се покаже на јавноста, а што да ѝ се сокрие, сме тука каде што сме. Токму таа култура на пресметана ќутенка ги уби Ивана и Катја.

Не е публиката неука и злобна каква што ја потценувате, за да не знае да разграничи меѓу доброто и злото, меѓу џелатите и жртвите. Опасноста некои луѓе да ја заземат страната на злосторникот (демек со самото тоа што ќе ја слушнат) нема никогаш да биде доволна причина ние да го цензурираме тоа што тој ќе го каже – ова не би било фер кон големото мнозинство нормални луѓе, што немаат никакви дилеми околу тоа кој е тука злосторникот, а кои се жртвите.

Каква е таа услуга што ѝ ја правите на вистината, ако нешто криете? Ако не ги соочите луѓето најнепосредно, од најблиску, со целата гадост на злосторниковата природа, како тоа избегнување ќе помогне тие да ја добијат вистинската слика, да го донесат праведниот суд? Како поинаку е разумно да се надеваме дека некој иден Стојанче ќе прочита и ќе подзапре, дека некој полицаец ќе одбере да заштити некоја идна Ивана?

Што друго освен отсуството на допир со објективната стварност, почитувани колеги, би можело да ве одведе на тие замислени морални висови, од кои ви се чини дека мајката и девојчето, чиишто животи завршија на најстрашен начин, кога би го гледале сето ова, би сакале за нивното неиздржливо страдање, за агонијата што траела со месеци и години и директно довела до страотниот исход – ние сега да калкулираме и да тактизираме? На кој начин е тоа валиден новинарски порив – да ја разубавуваме, ублажуваме стварноста, да ги откриваме само до некоја граница, што вие сте ја прогласиле за соодветна, димензиите на бруталноста што довеле до страшниот чин?

Не е ли демонстративната, перформативна смрт на Ивана и Катја најгласниот крик против молчењето и криењето, најгромогласниот повик до нас – да ги разоткриеме докрај сите црнила на нивниот мачен живот, да го потресеме зачмаениот конформизам, да им ги покажеме на сите, до последниот непријатен детаљ, гадостите што ги премолчувале и ги дозволувале киднапираните институции што штитат само моќници?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот