Фото: Левица

Критики за Тополова Исајловска – правосудството по мера на Мицкоски за неказнивост на власта

„Власта на Мицкоски брза да го грабне во свои канџи обвинителство и судството. Мицкоски не само што не раскина со груевизмот и заевизмот, туку го надградува со уште порафинирани механизми на политичка контрола“ – ова е реакцијата на опозициските партии, откако Советот на јавни обвинители едногласно ја избра единствената кандидатка за в.д. републички јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, по оставката на Љупчо Коцевски, поднесена непосредно пред Собранието да го разреши.

За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, идната година ќе биде „почеток на носењето на правдата во Македонија“.

– Целта е целосна контрола над Обвинителството и погребување на правдата за спас од одговорноста за криминалните тендери што врват зад грбот на граѓаните. Изборот на новата в.д. државна јавна обвинителка е уште еден доказ за тоа. Анита Топалова Исајловска е позната како обвинителка што бараше да се укине предметот „Талир“ во кој беше обвинет и Никола Груевски, а се однесуваше на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е сопруга на Илија Исајловски, поранешен заменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ. Сè е исто како во времето на Груевски – се вели во реакцијата на СДСМ.

Левица смета дека фамозното „тефтерче“ конечно е во рацете на премиерот и наместо професионализација, ова е продлабочување на гнилиот систем. Од партијата потсетуваат на именувањата што следуваа откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта: член на Судскиот совет – Данка Ристова, сопруга на тогашниот градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов.

Повлечен предлогот за избор на членови на обвинителскиот совет – Иџет Мемети требаше да биде заменет со партиски кадар на Изет Меџити

– Во јули, Судскиот совет продолжи со дисциплинирано спроведување на кадровските желби на новата власт, кога за в.д. претседател на Кривичниот суд беше избрана судијката Даниела Димовска, иако беше 11-торангирана. Димовска има јасно партиско минато како поранешна асистентка на пратеникот Влатко Ѓорчев и советничка на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, додека нејзиниот сопруг е вработен во кабинетот на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Актуелниот избор на в.д. републички јавен обвинител е логичен продолжеток на истата операција на целосно ставање под контрола и на Обвинителството, со цел обезбедување мир, комоција и неказнивост за владејачката елита. Затоа довербата на граѓаните во правосудството ќе продолжува да тоне, додека довербата на ДПМНЕ во истите тие институции почнува да расте – велат од Левица.

Единаесеттата судијка на „ранг-листа“ стана ВД претседателка на Кривичен суд

Според власта, доаѓа периодот во кој правдата ќе завладее и Јавното обвинителство и судството ќе бидат сочинети од компетентни луѓе што можат да се носат со функциите.

– Правдата ќе почне да се чувствува, дел од овие реформски закони ќе стигаат во Собранието, тие се составен дел на Планот за раст на Европската комисија. Ќе имаме 12 закони само од овој правосуден сегмент што во 2026 година ќе стапат на сила, во завршна фаза е комплетно новиот Кривичен законик. Заштитен знак во 2026 година ќе биде почеток на носење на правдата во Република Македонија, затоа што самите закони се така направени, полека да го чистат тој талог во Јавното обвинителство и во судството. Тоа граѓаните го бараат, полека ги реформираме и овие најзаостанати сегменти во нашето општество – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.

Тополова-Исајловска досега била заменик и на Љупчо Коцевски и на неговиот претходник Љубомир Јовески, како и на тој пред него, Марко Зврлевски.

– Во континуитет од 10 години беше заменик, ја познава оваа функција и мислам дека нема да претставува проблем неколку месеци да ја извршува должноста, затоа што не само што го познава целото Обвинителство, туку тоа е и принципиелно решение – кажа предлагачката Кети Петкова.

На седницата на Советот посочи дека Тополова-Исајловска ќе ја извршуваа оваа функција до именувањето нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Името на Топoлова – Исајловска не е многу познато во јавноста, но се споменуваше пред некоја година, кога како републичка обвинителка од Врховен суд бараше да падне предметот „Талир“, кој сè уште се суди во два дела, а меѓу обвинетите е и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Таа бараше Врховен да го укине решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Нејзиното образложение кое не го прифати Врховниот суд беше дека обвинението за овој предмет било поднесено во ноември 2018 година, а обвинителите на СЈО имале рок тоа да го сторат до 30 јуни 2017 година. Таа ги проблематизираше и доказите од прислушуваните разговори и бараше врховните судии да му укажат на основниот суд. Врховниот суд го одби нејзиното барање, а предметите сè уште се судат.

Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски

Според медиумските архиви, во 2011 година, таа ја отфрлила кривичната пријава на „Транспаренси интернешнел“ против тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески за злоупотреба на службената положба и овластување, за упатство за распределба на пари за политичките партии. Таа е сопруга на поранешниот заменик-министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски. Неофицијално Исајловски е во Министерството за надворешни работи, а порано бил дипломат, амбасадор во Украина, Кина, посебен советник за дипломатија кај поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а неговата дипломатска кариера датира од 1996 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот