Повлечен предлогот за избор на членови на обвинителскиот совет – Иџет Мемети требаше да биде заменет со партиски кадар на Изет Меџити

Предлогот за избор на членови на Советот на јавни обвинители нема да се најде на пленарна седница, по реакциите дека во телото треба да седне сопартиец на Изет Меџити од Демократското движење, чија коалиција Вреди сега е на власт.

Информацијата за „Слободен печат“ ја потврди претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски која е матична комисија и каде предлогот веќе беше изгласан. Сајкоски вели дека ќе се избираат нови предлози за членови во Советот, на нов конкурс.

Тој со допис го известил собранискиот спикер, Африм Гаши дека ги повлекува предлозите, а Гаши ги известил пратениците.

Со предлозите кои беа изгласани на Комисија, Иџет Мемети, поранешен член на Советот на јавни обвинители требаше да биде биде заменет со сопартиец на Изет Меџити.

Стануваше збор за струшкиот адвокат Ардијан Демири, кој „помина“ низ филтерот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, заедно со Ведат Салихи, истражител во Основното јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК). Салихи треба да дојде на местото на Арбр Исаку.

Демири и Исаку беа избрани од припадниците на заедниците што не се мнозинство и условите што треба да ги исполнат е да се од редовите на универзитетски професори по право, или адвокати, поранешни судии на Уставен суд, меѓународни судии и други истакнати правници.

Демири има доставено богата биографија до Собранието, но Демократската унија за интеграција сепак го обвини дека тој е член на Демократското движење (ДД) чиј претседател е Изет Меџити.

– Ова е неприфатливо и претставува флагрантно партиско мешање во судските и обвинителските органи. Пратениците да не прифаќаат партизација на обвинителскиот совет. Ги повикуваме граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница да реагираат на изборот на партиски кандидати за членови на обвинителскиот совет. Европската Унија будно ги следи одлуките на Владата и на собранието. Овие постапки нè оддалечуваат од Европа и европските вредности и нè враќаат во заробена држава – реагираа од ДУИ.

Претходникот на Демири, Иџет Мемети, беше и заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, кој претходно се повлече од функцијата откако призна дека го искористил своето влијание преку врховниот судија Наке Георгиев и заедно, за пари, му помогнале на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев да добие поблага казна. Во јавноста се појавија заеднички фотографии на Меџити и Демири од партиски настани, а во 2023 година бил претставен како координатор на Демократско движење во Струга.

„Слободен печат“ го контактираше лидерот на ДД, Изет Меџити  и го прашавме дали се точни информациите дека Демири е негов сопартиец и дали по реакциите во јавноста ќе го повлече неговото име како предлог, но тој не одговори на конкретните прашања, туку испрати контра-обвинувања.

Демири се кандидирал за член на обвинителскиот совет, како што напишал во биографијата, е поради „неговата желба и надеж за подобра и поефикасна јавно обвинителска служба“.

– Сметам дека со мојата долгогодишна активна работа, практично искуство и обука ќе бидам во можност тоа, заедно со другите членови на овој Совет, тоа да го постигнеме – пишува Демири.

Демири во биографијата детално го објаснува својот живот. Потекнува од семејство во кое неговиот покоен татко бил судија во Општинскиот суд во Струга, а потоа и секретар на Извршниот совет на тогашната Општина Струга, а мајка му била медицинска сестра. Во 1996 година првпат се вработил во Општина Струга. Завршил Правен факултет во Скопје како вонреден студент додека работел во општината. Правосудниот испит го положил во декември 2008 година, а веќе следната година ја напуштил работната позиција во Општина Струга и станал адвокат.

– Адвокатската професија непрекинато ја работам многу успешно и денес во мојата приватна канцеларија што се наоѓа во Струга. Во текот на овие години сум бил активен и сум следел мноштво семинари и обуки од секаков вид и карактер. Воедно, многу често бев повикуван и канет на јавни телевизиски дебати на многу национални, локални и меѓународни телевизии како експерт од правото, а особено бев активен за време на формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), неговото укинување и подготовката на новиот Закон за кривична постапка – пишува Демири, кој бил и граѓански активист.

Вториот кандидат што помина на Комисијата е Салихи од Арачиново. Неговата биографија е поконцизна: работел во генерален секретаријат на Владата како помлад соработник и бил ангажиран во Министерството за внатрешни работи – сектор за управни работи. Од 2008 до 2016 година работел во републичкото Собрание како помлад соработник, изготвувал писма со кои до пратениците се доставуваат предлози на акти и материјали, изготвувал решенија за свикување седници… Следните четири години работел како виш советник во поранешното СЈО, потоа стручен соработник во скопското обвинителство, а од годинава и истражител во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Пратеникот на „Европски фронт“ Сали Мурати, на Комисијата го оспорил неговиот избор.

Мурати посочи дека од приложените документи има листинг од пензиско-инвалидско осигурување каде што е наведено дека има искуство од 14 години, 10 месеци и 15 дена, а на 30 октомври доставил нов документ со стаж од 15 години и еден месец, а огласот бил затворен на 16 октомври.

– Според мене, условите за избор мора да бидат исполнети во моментот на аплицирањето, односно може да се изврши дополнување до завршување на конкурсот или огласот. Дополнително доставување докази по затворање на конкурсот, не може да го санира неисполнување на условите во моментот на аплицирањето – рече Мурати.

Куриозитет е што токму партијата на Меџити го обвини Мемети дека е една од клучните фигури на корумпираната власт на ДУИ, откако поранешниот народен правобранител и ексминистерот за правда се спогоди со Обвинителството.

-Постигнатиот договор помеѓу ОЈОГОКК под раководство на Ислам Абази (за чие назначување недоверба изрази и нашиот стратешки сојузник) и Иџет Мемети, поранешен член на Советот на јавни обвинители и една од клучните фигури на корумпираната власт на ДУИ, е најјасниот доказ зошто граѓаните имаат доверба во правосудниот систем од само два процента. Вреди ја дели загриженоста и длабокото разочарување кое ја зафати јавноста по овој договор со една од клучните фигури на корумпираната власт на ДУИ. Овој случај станува симбол на сè што не е во ред со нашиот правосуден систем. И со право граѓаните реагираат со гнев и недоверба- реагираше тогаш Вреди.

Власта најавуваше распуштање на Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, но во извештајот за напредокот на земјава, Европската комисија децидно кажа „не“ за оваа најавена реформа. Власта повторува дека судството треба да се департизира и да се исчисти од кадри на СДСМ и ДУИ.

Меџити: Обвинувањата се обид за стопирање на реформите

Секое обвинување и напад го разбираме како обид за стопирање на напорите за реформи во правосудството, реагира лидерот на Демократското движење, Изет Меџити на обвинувањата дека Ардијан Демири е негов сопартиец.

-Состојбата со недовербата кон правосудните органи во Република Северна Македонија е на фрапантни нивоа. Мораме да ги промениме состојбите кон подобро. Тоа мораме да го направиме со луѓе кои имаат знаење, кредибилитет и авторитет. Секое обвинување и напад го разбираме како обид за стопирање на напорите за реформи во правосудството. Има политички групи и криминалци кои сакаат работите во судството и обвинителството да останат како и до сега, со цел токму тие да бидат заштитени. Граѓаните и ние сакаме промени, сакаме правда, сакаме ред за сите. Никој напад нема да не поколеба во нашата намера да направиме праведна држава за Албанците и за сите граѓани, вели Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот