Кристијан Ериксен се врати на терените, почна со самостојни тренинзи

Кристијан Ериксен колабираше за време на Евро 2020 по што му беше вграден дефибрилатор/ фото: EPA-EFE/Friedemann Vogel

Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен му се врати на фудбалот и почна самостојно да тренира на терените на Оденсе Болдклуб, тим во кој како млад фудбалер помина три години.

Иднината на Данецот е неизвесна откако за време на Европското првенство колабираше и лекарите во последен момент му го спасија животот. Подоцна во болница му беше вграден дефибрилатор и оттогаш Ериксен е надвор од терените.

– Ериксен ни се јави и сега тренира самостојно. За него, ова е природно опкружување бидејќи тука тренираше како дете, а и живее блиску до терените. Среќни сме што можеме да му помогнеме со тоа што ќе му овозможиме да тренира на нашите терени – изјави портаролот на Оденсе за Ројтерс.

Директорот на клубот, Михаел Хемингсен смета дека одлуката на Ериксен да тренира во својот клуб од младоста е логична.
– Кристијан е со нас и сите сме горди на тоа. Тренира како мисли дека треба за да ја подобри својата физичка состојба. Неговата одлука да дојде тука е логична, бидејќи тренираше како млад, живее во близина и на сите ние е чест да бидеме на теренот заедно со него – изјави Хемингсен.

Поради вградениот дефибрилатор, Ериксен не смее да игра во Италија, па неговата фудбалска кариера е неизвесна. Желбата на Данецот е да не се откаже од фудбалот и како можна опција се споменува Холандија каде фудбалерите имаат медицинска дозвола да играат со вграден дефибрилатор.

Видео на денот