Креативно студио со „Вулоу“: Најмногу се гордеам со првите волнени венчиња и брошеви, со нив почна мојата приказна
„Работам со техника на суво филцање со игличка, внимателно и детално, а по потреба користам и водено филцање, со вода и сапун, за да постигнам дополнителна цврстина или мазност“, објаснува Ивана.
Во време кога доминира „брзата мода“ и модните додатоци стануваат унифицирани, рачно изработените модни додатоци од волна раскажуваат една поинаква приказна. Приказна за трпение, креативност и допирот на човечка рака.
Препорачано
Ивана Стојановска, која е социолог по професија, своето секојдневие го исполнува со создавање рачни изработки од волна. Преку нејзиниот мал бизнис „Вулоу“ таа успева волната да ја оживее во уникатни модни додатоци, каде што секое парче носи своја емоција и смисла.
Ивана, кога Ви се роди љубовта кон уметноста и креативната работа? И како дојдовте до идејата да почнете да изработувате модни додатоци од волна?
– Љубовта кон уметноста ја носам од мала, секогаш сум била дете што сака да создава, да комбинира бои и да дава живот на едноставни материјали. Но, вистинскиот поттик дојде многу подоцна, кога ја открив мерино волната. Ми се допадна чувството на топлина, нежност и природност што ја носи, и од првото допирање знаев дека можам да создадам нешто свое, нешто што ќе има приказна. Така започна „Вулоу“, од љубопитност, потреба за изразување и желба преку мал моден детаљ да пренесам емоција.

Каде ја црпите инспирацијата за дизајнот на Вашите рачни изработки од волна и дали прифаќате сугестии од клиентите?
– Инспирацијата најчесто доаѓа од природата, од боите што ги гледам околу себе, од сезоните, но и од луѓето и нивните приказни. Многу често една емоција или ситуација ми станува идеја за ново парче. Секако, прифаќам и сугестии, некогаш токму човекот што ќе го носи парчето знае најдобро што сака да почувствува преку модниот додаток, а мене ми е чест кога ќе можам тоа да го преточам во лично, уникатно парче.

Вашиот асортиман на модни додатоци од волна е разновиден. Дали може да ни раскажете како изгледа процесот на изработка на еден брош? И која техника ја користите при изработката?
– Процесот е внимателен и трае повеќе чекори. На почеток ја избирам бојата и количината мерино волна, потоа нежно ја обликувам основата, ред по ред, додека не се добие формата што ја замислувам. Работам со техника на суво филцање со игличка, внимателно и детално, а по потреба користам и водено филцање, со вода и сапун, за да постигнам дополнителна цврстина или мазност. Тоа е процес што бара концентрација, трпение и многу чувство за текстура и облик. На крајот го додавам металниот дел и фините завршни детали, за да добијам стабилен, издржлив и убав брош.

Со која рачна изработка особено се гордеете? И кој дизајн Ви одземал најмногу време при изработката?
– Најмногу се гордеам со првите венчиња и брошеви што ги создадов, со нив почна мојата приказна и тие се мојот потсетник колку далеку сум стигнала. Најмногу време ми одзема изработката на приврзоци и брошеви во форма на животни, бидејќи бараат внимателно обликување и многу детали. Но, токму тие ми се најдраги, знам дека секој час вложен во нив ја прави приказната посебна.

Дали постои некоја креативна техника што би сакале да ја усовршите и да ја практикувате во иднина?
– Да, во иднина сакам да ја проширувам работата со волна на поголеми декоративни елементи, „ѕидна уметност“ (wall art) парчиња или просторни декорации што ќе носат истата топлина и емоција, но во ново издание. Ова ќе ми овозможи да ја надградам мојата креативност, додека го задржувам препознатливиот стил и нежноста на „Вулоу“.

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас? И дали може да се живее од креативна работа?
– Рачната изработка се цени, можеби не секогаш доволно, но доволно за да постои заедница што ја препознава вредноста на трудот, времето и љубовта вложени во секое парче. Верувам дека може да се живее од креативност, но само ако се вложиш со срце, со истрајност и со јасна визија. Креативната работа бара многу повеќе од талент, бара посветеност, конзистентност и верба во тоа што го создаваш. Кога тие три работи се присутни, успехот природно следува.
Ивана ќе подари рачно изработени брошеви од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.
Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!



