Креативно студио со „Спаркл систерс“: Најголемиот букет што го изработивме имаше 15 цвета од кадифена жица
„Сите материјали се внимателно избрани за да изгледа букетот убаво, но и да биде издржлив како декоративен подарок што може долго време да се чува“, велат Сара и Јана.
Креативноста, експериментирањето и љубовта кон уметноста секогаш водат кон создавање уникатни рачни изработки, какви што се букетите од кадифени жици. Од едноставни, меки жици се создаваат нежни цветови што не венеат, туку остануваат како траен симбол на внимание и емоција.
Препорачано
Токму љубовта кон креативноста ги споила сестрите Сара Попстефанова и Јана Треневска во создавање декоративни букети од кадифени жици. Преку нивниот мал бизнис „Спаркл систерс“ тие нудат оригинални и персонализирани подароци кои носат топлина и уникатност.
Сара и Јана, кога кај вас се роди љубовта кон уметноста и креативната работа?
– Љубовта кон уметноста и креативната работа кај нас се роди од желбата да создадеме нешто уникатно и рачно изработено. Од мали бевме креативни, преку сликање на платно, изработка на накит од мониста, плетење. Но, со букетите како вистински да се пронајдовме, ова е нешто на што би се задржале. Кога првпат почнавме да работиме со кадифените жици, тоа беше само обид да направиме нешто поинакво. Но, од тие едноставни жички почнаа да се раѓаат цветови, а од цветовите – букети полни со боја и емоција. Со секој нов букет чувствувавме сѐ поголема радост и сфативме дека креативноста не е само хоби, туку начин да пренесеме чувство, внимание и љубов. Денес, секој букет што го создаваме носи дел од нашата приказна и желба да донесеме насмевка кај некого.

Во вашиот асортиман има разновидни декоративни кадифени букети. Раскажете како изгледа и колку трае процесот на изработка на една ваква декоративна рачна изработка? И кои материјали ги користите?
– Изработката на еден декоративен кадифен букет е креативен и внимателен процес со кој секој детаљ е рачно изработен. Прво се избираат боите и комбинацијата на цветови за букетот, со цел да изгледа хармонично и декоративно. Потоа, од кадифени жици рачно се обликуваат цветовите, секој лист и секое цветче се витка и моделира посебно за да се добие нежна и уредна форма. Откако ќе се изработат цветовите, тие се составуваат во букет и внимателно се прицврстуваат за да ја задржат формата. Потоа, следува украсувањето, се додава декоративна хартија, панделки и други украсни елементи кои му даваат завршен, елегантен изглед на букетот.
Времето за изработка на секој букет е различно, но секако е потребно минимум еден час, бидејќи секој букет се прави рачно и со посветеност. Материјалите што се користат се кадифени жици, декоративна хартија за пакување, панделки и дополнителни украсни елементи. Сите материјали се внимателно избрани за букетот да изгледа убаво, но и да биде издржлив како декоративен подарок што може долго време да се чува.

Каде ја црпите инспирацијата за дизајнот на вашите рачно изработени кадифени букети и дали прифаќате сугестии од клиентите?
– Инспирацијата за дизајнот на нашите букети доаѓа од желбата секој букет да изгледа уникатно и посебно. Често експериментираме со различни комбинации на бои и форми за да создадеме нешто што ќе привлече внимание и ќе донесе радост кај оној што го добива. Убавината на овие букети е тоа што секој букет е уникатен и никогаш не може два букети да бидат идентични. Секако, секогаш сме отворени и за сугестии од клиентите. Многу често токму нивните идеи и желби ни даваат нова инспирација и ни помагаат да создадеме букет што ќе биде приспособен за одредена личност, повод или омилена боја. За нас е важно клиентот да добие нешто што ќе биде лично, уникатно и направено со многу внимание и љубов.

Со која рачна изработка особено се гордеете? И кој дизајн ви одземал најмногу време при изработката?
– Најмногу се гордееме со првите букети, сепак почетокот беше можеби и најтешкиот чекор каде што една изработка ни се чинеше дека трае вечност, но првите букети се тие што ќе останат најзапаметени и се потсетник како со многу труд сме дошле до сегашните уникатни букети. Особено се гордееме со букет што содржи 15 рачно изработени различни цветови, тој воедно е и најголемиот што сме го изработиле досега. За неговата изработка беа потребни многу време, внимание, трпение бидејќи секој цвет е поединечно обликуван и внимателно составен за да се добие убава и хармонична целина. Затоа и овој букет ни одзема и најмногу време, бидејќи сакавме секој детаљ да биде прецизно изработен. Но, на крајот резултатот беше навистина вреден за вложениот труд. За нас тој букет претставува посебен пример за тоа колку креативност, посветеност и љубов може да се вложат во една рачна изработка.

Дали постои некоја креативна техника што би сакале да ја усовршите и да ја практикувате во иднина?
– Секогаш има простор за нови идеи и усовршување. Во иднина би сакале да експериментираме и да усовршиме уште повеќе техники за обликување на кадифените жици, со цел да создадеме покомплексни и пореалистични цветни форми. Исто така, нѐ интересира комбинирање на кадифените цветови со други декоративни материјали и елементи, за букетите да добијат уште поуникатен и впечатлив изглед. Креативноста постојано се развива, па затоа сакаме да учиме нови техники, да пробуваме различни стилови и со текот на времето да внесуваме свежи идеи во секој нов букет што го изработуваме.

Според вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас? И дали може да се живее од креативна работа?
– Рачните изработки сѐ повеќе се ценат кај нас. Луѓето почнуваат да ја препознаваат вредноста на нешто што е направено рачно, со време, труд и креативност. За разлика од масовното производство, секоја рачна изработка носи своја уникатност и посебна приказна, што за многумина ја прави уште повредна како подарок. Секако свежите цвеќиња имаат своја убавина, но ова е нешто што е трајно. Сепак, мислиме дека сѐ уште има простор оваа уметност уште повеќе да се цени. Потребно е време, труд и постојана креативност за да се изгради препознатливост и доверба кај клиентите. Кога станува збор за тоа дали може да се живее од креативна работа, веруваме дека е можно, но потребни се голема посветеност, упорност и љубов кон тоа што го правите. Со квалитетна работа, оригинални идеи и добра комуникација со клиентите, креативната работа може постепено да прерасне во успешна и одржлива професија.

Сара и Јана ќе им подарат декоративни букети од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.
Доколку ви се допадна нивната приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!


