Фото: Приватна архива

Креативно студио со „Фика“: Креативните настани „Фика“ се совршено место за оддишка од брзиот живот

„Верувам дека многу луѓе се креативни, но немале простор и време за да си го докажат тоа на себе“, вели Маја.

Креативниот порив кај секој човек се изнедрува во различни форми и се пренесува низ различни медиуми. А, секому се појавува потребата од слободно и креативно изразување во текот на животот.

Маја Нацевска, која по професија е историчар на уметноста, работи како графички дизајнер, а повеќе од десет години се занимава и како туристички водич. Нејзиното сестрано искуство и комуникацијата со туристи од скандинавските земји ја поттикнало да го започне својот мал бизнис „Фика“.

Со креативните настани, таа нуди уникатно исксуство за сите кои сакаат да ја ослободат својата имагинација.

Маја, кога кај Вас се роди љубовта кон уметноста и креативната работа?

– Најпрво благодарам за интересот за „Фика“ и можноста да го објаснам концептот на овие настани. Јас сум дипломирана историчарка на уметноста, но отсекогаш сум цртала, креирала некои свои детски украси, накит, па, сѐ до изработка на „фаќачи на соништа“ (dreamcatchers). Се сеќавам дека во основно училиште останував подолго само за да го завршам цртежот. Креативноста може да се забележи на многу различни полиња околу сите нас. Верувам дека многу луѓе се креативни, но немале простор и време за да си го докажат тоа на себе.

Фото: Приватна архива

Како дојдовте до идејата да започнете со Вашиот мал бизнис наречен „Фика“? И всушност, какво значење има зборот „фика“?

– „Фика“ е шведски збор. Иако немам суштински корени со Шведска, отсекогаш ме привлекувал зборот и значењето. Денеска, најчесто „фика“ се поврзува со одење на кафе и колаче, но тоа е дојдено од коренот на зборот што всушност значи „да се ужива во малите работи“. Идејата се создаде баш во некои „фика“ моменти. Сметам дека ни е потребно да имаме избор кога излегуваме, да го прошараме нашето секојдневие, да ги поттикнеме хормоните за среќа, а како најдобро, ако не преку работа со раце и грижа за себе.

Фото: Приватна архива / “Христина HTR studio”

Каде ја црпите инспирацијата за Вашите креативни настани и дали прифаќате сугестии од клиентите кои учествуваат?

– Пред сѐ би сакала да објаснам дека „Фика“ не е класична работилница и од прв ден ја водам како начин на излегување, каде секој во своето интимно друштво што го одбрал, ќе си помине една поинаква вечер и покрај уживање во пијалак, ќе се занимава и креативно. Инаку, инспирација се сите навидум детски техники што како деца нѐ стимулираа и воведуваа во некој друг свет, а како растеме ги забораваме и ги понижуваме дека се само тоа, детски. Креирањето со раце, не зад малите екрани, ни носи поинакво задоволство, радост и на некој начин може да биде „вентил“ од секојдневниот стрес.

Сугестии секако дека прифаќам. Моментално „Фика“ има мени со 4 активности и плус тематски активности во зависност од сезоната, но доколку некој сака некоја друга активност да се додаде во менито, слободно можае да ми каже, со тоа што не е сѐ изводливо, но секако дека ќе биде разгледано.

Фото: Приватна архива / “Христина HTR studio”

Нудите уникатно и инспиративно искуство. Раскажете ни како се одвива еден ваков креативен настан? И за кого се наменети овие настани?

– Настаните „Фика“ се случуваат на различни локациии (кафулиња) и поради тоа се наречени „Фика поп-ап искуство“ (Fika Pop – Up Experience). Меѓутоа, „Фика“ не е затворен настан. Тие што сакаат да присуствуваат си го резервираат местото и си ја нарачуваат активноста. Менито на креативните настани „Фика“ се состои од: работа со самостврднувачка глина; изработување на табла за визуелизација; сликање со акварел и маслени пастели или изработка на букети (работа со суво цвеќе).

Секогаш носам дополнителни материјали доколку некои што веќе се во кафулето, а немаат резервирано, би сакале да се приклучат. На денот на настанот учесниците ги добиваат сите потребни материјали за активноста што ја одбрале, нарачуваат пијалак и нивните 2 часа „Фика“ почнуваат. На овие настани не ги водам учесниците ниту им кажувам што да изработуваат. Тука сум за помош, сугестија, наоѓање решение во некои ситуации (посебно со глината), но најважниот дел е дека секој сам одлучува што ќе создаде. Дали тоа ќе биде по имагинација или по веќе одбран модел што им се допаѓа, тоа го оставам на нив.

„Фика“ е отворена за сите возрасни што сакаат да излезат, да се впуштат во креирање детски начин без следење правила, да си го намалат стресот, да си ја подигнат самодовербата и да си го однесат делото со себе. На крајот од настанот пополнуваат картички кои се анонимни за тоа како се чувствувале пред и по завршувањето на „Фика“. На тој начин го следиме напредокот што се случува со само 2 часа креирање. Најчесто одговорите по завршувањето на настанот е дека се релаксирани и задоволни, а некогаш и изненадени од себе. А, точно тоа ми беше и целта. Па, со ваква повратна енергија ќе има уште многу креативни настани „Фика“.

Фото: Приватна архива

Според Вашето искуство, каков е интересот за овие креативни настани кај нас? И дали може да се живее од креативна работа?

– Заинтересираност има. Сметам дека по пандемијата ни се измени животот многу и на сите ни се потребни повеќе моменти со пријателите, партнерите и затоа креативните настани „Фика“ се совршено место за оддишка од брзиот живот. Доволно е за почеток креативната работа да носи многу ќеиф, а со секој вложен труд следи и неминовен плод кој ги подобрува перспективите.

Фото: Приватна архива

Кој е Вашиот совет до младите креативци кои имаат талент, но немаат доволно храброст да започнат сопствен бизнис?

– Би им порачала дека штом се веќе креативни и се занимаваат со креативна работа, веќе се храбри. Потребна е голема храброст човекот да го ослободи поривот за креирање, во кое било време од историјата на човештвото, а посебно денеска. Затоа, со тој чекор веќе се поблиску до исполнување на тој сон.

Фото: Приватна архива / “Христина HTR studio”

Маја ќе подари влезници за учество во креативен настан „Фика“ на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот