Фото: ФК Работнички

Крантове: Работнички е поквалитетен од Шкупи и тоа ќе го докаже на теренот

До крајот на Првата македонска фудбалска лига остануваат уште два меча и Работнички сака да ги одработи на најдобар можен начин. Денеска од 16.00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе има дуел против Шкупи, на кој формално ќе биде гостин. Планот на играчите предводени од тренерот Муарем Муарем е да забележат сигурен триумф.

– Ќе се бориме чесно до крајот и денеска посакуваме триумф. Поквалитетен тим сме од Шкупи и тоа ќе го докажеме на денешниот меч. Имаме респект за ривалот, но посакуваме три бода и за нив ќе се избориме на теренот – вели дефанзивецот на Работнички, Џастин Крантове.

Шкупи следната сезона ќе игра во Втората лига, и секој преостанат дуел во елитата ќе биде огромно и драгоцено искуство за младите фудбалери од Чаир. Еден од младите играчи кои оставија одличен впечаток со своите настапи во овој период е талентираниот голман Сефер Муслиу. Тој смета дека секој негов соиграч мора да го даде максимумот на преостанатите два меча до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

– Остануваат уште два натпревари до крајот на првенството. Нашиот следен дуел против Работнички ќе биде голем предизвик за нас, но тоа никако не значи дека ќе се предадеме. Напротив, ние ги браниме боите на нашиот сакан клуб. Ќе дадеме сè од себе за да направиме изненадување со овој млад состав со кој располагаме во моментов – изјави Муслиу.

Ова ќе биде вкупно 46 меѓусебен натпревар помеѓу Шкупи и Работнички. Во досегашната историја, „романтичарите“ имаат забележано 18 победи, а Шкупи се радувал на 17 триумфи, додека 11 средби завршиле без победник.

Последниот нивни меч му припадна на составот од Дебар Маало кој славеше со убедливи 3:0, додека единствениот бод за Шкупи во меѓусебните пресметки сезонава беше запишан на 4 октомври минатата година, кога беше нерешено (1:1).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот