Крај на уште една љубов: Моника Белучи и Тим Бартон ја прекинаа врската
Италијанската актерска дива Моника Белучи и прославениот холивудски режисер Тим Бартон ставија крај на нивната двегодишна врска. Парот ја потврди веста со заедничка изјава за јавноста.
Препорачано
„Со многу почит и длабока грижа еден за друг, Моника Белучи и Тим Бартон одлучија да се разделат“, стои во нивното кратко соопштение, пренесува „Дејли мејл“.
Тие двајца се запознале пред 19 години на Канскиот филмски фестивал, но почнаа да излегуваат откако се сретнаа на Филмскиот фестивал Лумиер во Лион, во октомври 2022 година. Белучи беше почесна гостинка на фестивалот и таму му ја додели наградата за животно дело на Бартон.
За нивната врска, Белучи првпат проговори во 2023 година, во интервју за француското издание на „Ел“.
„Среќна сум што го запознав. Тоа беше една од оние средби кои ретко се случуваат. Го сакам Тим и го почитувам“, рече славната актерка.
Последен пат беа фотографирани заедно во ноември минатата година, на 21. Меѓународен филмски фестивал во Маракеш, Мароко.
Да потсетиме, Белучи зад себе има два брака и две деца. Бартон е, исто така, татко на две деца и бил женет еднаш, а во јавноста е најпозната неговата долгогодишна врска со актерката Хелена Бонам Картер.


