Крај на една музичка револуција: По 40 години „Ем-ти-ви“ ги гаси своите музички канали
„Ем-ти-ви“, првиот светски музички канал кој емитува музички видеа 24 часа на ден, ќе престане да прикажува спотови во Велика Британија по речиси 40 години, со затворање на пет канали до крајот од годината, пишува „Би-би-си“. „MTV Music“, „MTV 80s“, „MTV 90s“, „Club MTV“ и „MTV Live“ ќе се затворат по 31 декември, додека водечкиот канал MTV HD останува во етерот со ријалити шоуа како „Naked Dating UK“ и „Geordie Shore“.
Препорачано
Каналот беше лансиран во 1981 година во САД; првото емитувано видео беше „Video Killed the Radio Star“ од The Buggles, со што започна ерата на еден од највлијателните музички медиуми. „MTV Europe“ започна во 1987 година со видеото „Money For Nothing“ од бендот Dire Straits.
Како причина за затворањето се наведува пад на гледаноста, првенствено поради промената на навиките на публиката и доминацијата на платформи како што е Јутјуб. „MTV“ и „Paramount“ сè уште не ја потврдија веста, но обожавателите на мрежите го изразија своето разочарување: „Ем-ти-ви умре културно и духовно кога престана да пушта музички спотови. Тажен крај за бренд кој некогаш беше најкул“. Друг додаде: „Каналот од 80-тите беше навистина добар. За жал, главниот канал ја туркаше лошата реалност“. Многумина го нарекуваат „крај на една ера“.
Наменскиот канал „MTV UK“ беше лансиран во 1997 година и имаше емисии како „TRL (Total Request Live)“ и „Ex On The Beach“. Главниот канал престана да ги емитува видеата во 2011 година, но продолжи со доделувањето на европските музички награди на MTV, кои се ставени на пауза до 2025 година, додека Paramount го продолжува процесот на спојување со Skydance Media.
Според локалните медиуми, „Парамаунт“ планира да ги затвори музичките канали на „Ем-ти-ви“ и во Австралија, Полска, Франција и Бразил.


