Ковид протоколите ги смрзнаа учениците

За време на часовите и одморите, училниците мора да се проветруваат поради ризикот од ширење на коронавирусот, Фото: Слободен печат / Илустрација

Ковид протоколите кои налагаат постојано проветрување на училниците ги смрзнаа учениците, особено деновиве кога температурите се доближија до 0 Целзиусови степени. Децата седат облечени со јакни, иако радијаторите, не во сите училишта, веќе се топли. Оние пак, кои одлучиле да седат со затворени прозорци се во значително зголемен ризик на трансмисија на вирусот. Познавачите на состојбите очекуваат зголемување на трошоците за загревање, но и на бројот на новозаразени ученици.

„Ова што се случува годинава е лудило. Нема греење во училиштата, децата се жалат ако отвориме прозорци им студи, дали некој мислеше на тоа кога ги отворија училиштата? Секако дека не! Секојдневно заразени ученици и наставници, никој не пријавува“, на социјалните мрежи коментира мајка на ученик.

„Два пати имаа позитивни деца во класот и повеќе се отсутни и онлајн отколку на часови. Мое мислење е дека има и заболени професори. Губат часови, а само тестови и испрашувања се закажуваат. Сите молчат, а власта им се заканува на директорите“, на социјалните мрежи коментира мајка на средношколка од Скопје.

Директорка на една скопска гимназија, која побара да биде анонимна, не гледа проблем. Таа смирува дека наставата се одвива нормално.

-Училиштата се справуваат со пандемијата, а учениците се пресреќни што се вратени во школските клупи. Времето беше добро, имавме часови надвор во дворот и можевме четири до пет класови да имаме час надвор. Проветрувањето по часот функционира и немаме трансмисија. Ако сепак се појават случаи на новозаразени, учениците се пријавуваат до Центарот за јавно здравје, оздравуваат и се враќаат. Секогаш имаме добро парно и озонери. До сега не сме имале драматична ситуација за да преземаме посебни мерки или да ги прашуваме надлежните институции како да постапиме. Сите ковид протоколи ги запазивме, изјави директорката за „Слободен печат“.

Извори од Министерството за образование неофицијално ни одговорија дека не слушнале најави за промени на протоколите од страна на здравствените власти.

Во Протоколот за постапување на основните училишта пишува дека доколку  дозволуваат  временските  услови, за време на наставата во училницата, се остава отворен прозорец. Во училницата се избегнува  употребата на клима уреди и уреди за вентилација. Просториите мора да се проветруваат после секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, за „близок контакт” се смета, меѓу другото, секој кој бил во ист затворен простор со заболени, како училница.

За ризикот во затворен простор од ширење на ковид, научниците објаснуваат дека зависи од количината на испуштени честички на тн. аеросоли, од должината на престојот во просторијата, и од циркулацијата на воздухот од било какво грејно тело или вентилација.

Интитуциите смируваат дека ако се почитуваат правилата, шансите да се зголеми преносливоста во училницата се сведени на минимум.

Експертите за греење и вентилација, пак, предупредуваат дека со секое отворање на прозорите се  губи голем дел од топлотната  енергија, со што значително ќе се зголемат трошоците за греење.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот