Талат Џафери, Димитар Ковачевски Фото: Фејсбук Димитар Ковачевски

Ковачевски поднесе оставка, в недела гласање за кабинетот на Џафери

Државата сигурно ќе го задржи истиот правец – прозападната ориентација и стратешки цели. Техничката влада добро ќе се грижи за граѓаните. Ова е нешто што е предвидено со закон, а на 9 мај новата влада ќе ја водам јас и коалицијата, која ќе ја однесе Македонија во ЕУ до 2030 година, изјави Ковачевски по депонирањето на оставката во Собранието.

Димитар Ковачевски до Собранието поднесе оставка од функцијата претседател на Владата, но најави дека заминува за кратко, односно дека по парламентарните избори на 8 мај, тој повторно ќе биде премиер. Оставка попладнево требаше да поднесе и претседателот на Собранието Талат Џафери за да биде номиниран за мандатар на техничката влада. ВМРО-ДПМНЕ оставката на премиерот ја оцени како почеток на крајот на владеењето на СДСМ и ДУИ.

Составот на техничката влада, која Собранието треба да ја гласа в недела, на 28 јануари, ќе биде ист како и во владата на Ковачевски, освен новите министри за внатрешни работи и за труд и социјала предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Рокада ќе направат и вицепремиерите Артан Груби и Бојан Маричиќ.
Според најавата на претседателот на Собранието Џафери, оставките на Ковачевски и на собранискиот спикер треба да бидат констатирани на денешната собраниска седница. Со оставката на Ковачевски, во оставка е целата Влада. Ковачевски и неговиот кабинет ќе бидат на функции до изборот на техничката влада в недела.

Ковачевски: Со Џафери се разликуваме во стилот на раководењето

Ковачевски, кој оставката од премиерската функција лично ја достави до претседателот на Собранието, рече дека со Џафери се разликуваат во стилот на раководењето.

– Џафери е искусен во водењето на парламентот, додека јас дојдов со друго искуство – во водење корпорации и имаме различен стил како политичари. Но, државата сигурно ќе го задржи истиот правец – прозападната ориентација и стратешките цели. Техничката влада добро ќе се грижи за граѓаните. Ова е нешто што е предвидено со закон, а на 9 мај новата влада ќе ја водам јас и коалицијата што ќе ја однесе Македонија во ЕУ до 2030 година – изјави Ковачевски.

Премиерот во оставка рече дека имал чест и гордост да биде претседател на Владата.

– Јас имам кажано многупати пред медиумите дека ниеден човек не се родил ниту да биде претседател, ниту да биде пратеник, ниту да биде градоначалник. Тоа е нешто што му припаѓа како чест во текот на неговата професионална кариера. Јас ја имав таа одговорност и таа чест да ја водам Владата во едно исклучително време, во време на многу и меѓународни турбуленции, меѓутоа, пред сè, на економски турбуленции предизвикани од војната во Украина. Сметам дека се грижевме за сите. Сметам дека обезбедивме сè она што требаше за да ги задржиме работните места, да ја задржиме ликвидноста на компаниите и да обезбедиме приходи на најранливите категории граѓани преку најголемите пакети на антикризни мерки што која било земја во регионот ги направи. Не дозволивме ценовен шок, не дозволивме рестрикции на електрична енергија. Не дозволивме енормно покачување на цените на нафтените деривати. Ја намаливме инфлацијата за шест пати – од 20 на 3,5 отсто – и сметам дека, како што кажав, сите министри во Владата, замениците министри, службите што работат во сите институции, треба да бидат горди на тоа што го направија за својата држава во изминатите две години – рече Ковачевски.

Маричиќ ќе биде прв вицепремиер, Груби останува вицепремиер

За вчера попладне беше најавена и оставката на претседателот на Собранието. Џафери претходно ќе го информира претседателот на државата Стево Пендаровски дека Владата е во оставка.
Во техничката влада што треба да ја предводи Џафери, Бојан Маричиќ ќе биде прв вицепремиер задолжен за европски прашања, додека Артан Груби останува вицепремиер и министер за политички систем. Висок владин функционер за „Слободен печат“ ја потврди информацијата и, според објаснувањето, ротацијата на Груби и Маричиќ на првото вицепремиерско место е дека првиот заменик на претседателот на Владата треба да биде од спротивната партија во владината коалиција. Во случајов Џафери, кој треба да биде номиниран за премиер на техничката влада е од ДУИ, партија од која е и прв вицепремиер во оставка Груби. Според тоа, прв вицепремиер треба да биде од СДСМ, односно на таа функција ќе биде предложен вицепремиерот за европски прашања во оставка, Бојан Маричиќ.

Според владиниот функционер, во техничката влада ќе нема промена на министрите, односно освен министрите за внатрешни работи и за труд и социјала и дополнителните заменици-министри во ресорите финансии, информатичко општество, земјоделство, кои доаѓаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, останува актуелниот владин состав.

ВМРО-ДПМНЕ на седницата на Извршниот комитет ги утврди кандидатите за министри и дополнителни заменици-министри. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски информираше дека за министер за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, актуелен претседател на Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат, а Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика. За дополнителен заменик-министер за финансии е предложена Елена Петрова, висок професионалец во областа на финансиите, како што велат од партијата. За дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје, а Цветан Трипуновски е предложен за дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од опозициската партија повторија дека нема да гласаат за техничката влада.
Оставката на Ковачевски ја коментираат како почеток на крајот на СДСМ и ДУИ.

– Ковачевски е премиерот што донесе само понижувања, криминал и корупција и кој најмногу ја оддалечи Македонија од ЕУ, го забрза иселувањето и ја зголеми сиромаштијата. Поради Ковачевски, Македонија го доби најнегативниот извештај од Европската комисија, а пораките од европските претставници за неподносливата корупција во Македонија не запираат да доаѓаат. Од 2 отсто доверба во судството, до партизирана администрација и тепање на контролори на летање од бандити на ДУИ, тоа се Ковачевски и СДС – рече Марија Митева, портпаролка на партијата.

Таа додаде дека никогаш повеќе нема да се случи Македонија да биде водена од неспособни кадри како Ковачевски, затоа што на 8 мај народот со ВМРО-ДПМНЕ ќе ги порази и ќе ги испрати во заборав.

 

Собранието утре треба да ги констатира оставките

Според сценариото за избор на техничката влада, како што информираше Џафери, со денешната пленарна собраниска седница на која треба да бидат констатирани оставките, ќе раководи потпретседателот на Собранието ,Горан Мисовски. На пленарната седница ќе биде избран и новиот претседател на Собранието, актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Шефот на државата Пендаровски се очекува попладнево да му го врачи на Џафери мандатот за технички премиер.
На 27 јануари, Џафери до Собранието треба да достави програма и состав на владата, а в недела Собранието треба да ја избере техничката влада. Истиот ден, на нова седница треба да бидат избрани и замениците министри и дополнителните заменици-министри, како и новиот пратеник кој доаѓа на местото на Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот