Ковачевски: Не знам дали е изводливо да се пролонгира рокот за личните документи, ќе разговараме на владина седница
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе се консултира во врска со предлогот на претседателот Стево Пендаровски, кој вчера побара Владата да го пролонгира рокот на старите лични документи за неколку месеци, до септември или октомври заради големиот метеж што се создава на пунктовите каде без закажан термин се поднесуваат барања за нови докумети.
Препорачано
– Метежот е затоа што голем број на граѓани треба да го испочитуваат законскиот рок и да ги заменат личните документи во предвидениот рок. Ќе се консултирам со двајца министри со кои разговарал претседателот. Сите предлози за мене се добри ако може да унапредат нешто. Верувам дека претседателот може да се чуе со претседателката на Грција, и тоа е нивото на кое може да се комуницира. Ќе разговараме на седница на Владата за можноста. Но, Пендаровски најдобро знае, тој беше вклучен при подготвувањето на Преспанскиот договор, а при зачленувањето во НАТО тој беше координатор за НАТО и има повеќе детаљи како тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција – рече Ковачевски.
На новинарско прашање зошто се дозволуваат експерименти со граѓаните кои со часови, па и со денови чекаат на пунктовите за да поднесат барања за нови докумети и при тоа губат слободни денови од работа, а чекаат и стари и изнемоштени лица, што е под секое ниво на достоинство, премиерот Ковачевски рече дека не ја наметнува Владата таа обврска, туку Преспанскиот договор.
– Ова е обврска која произлегува од потпишан меѓународен договор кој овозможи да станеме членка на НАТО. Таа обврска е наведена во закон, па не може да речете дека Владата нешто направила, тоа се законски решенија и уставни измени направени во Собранињето, кои на сите ни се познати. Владата може да го олесни тој процес, знаете дека МВР отвори поголем број пунтови, определи поголем број вработени што ќе работат на тоа, но, очигледно треба да се зголеми уште повеќе. Да видиме дали може да се реализира и предлогот на Пендаровски. Но, да направите законски измени без согласност на сите кои се потпишани, а се работи за меѓународни докумети, не би било така едниставно и прашање е колку е применливо – рече премиерот.
Претседателот Стево Пендаровски вчера ја повика Владата да го промени рокот на важење на личните докумети до септември, затоа што начинот на кој сега се вадат личните карти, пасошите и возачките дозволи е понижувачки за граѓаните.
– Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада со брза интервенција во два закони, Законот за лична карта и Законот за патни исправи, и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор – рече претседателот Пендаровски во интервју за „Сител“, зборувајќи за обврската на граѓаните да ги сменат документите до 12 февруари, согласно со обрврските од Преспанскит договор со кој се смени уставното име на државата.
„Слободен печат“ вчера објави дека важечките лични карти на граѓаните со старото име на државата Република Македонија и по 12 февруари ќе им важат на шалтерите во банките, а и на претстојните претседателски и парламентарни избори во април и во мај ќе може да се гласа.


