
Костадинов до Таравари: Пред да ги смените државниот грб и химната, кога планирате да го поправите апаратот за компјутерска томографија во Струмица?
Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, се обрати до министерот за здравство, Арбен Таравари, и го праша кога планираат да го поправат апаратот за компјутерска томографија во Струмица. Како што вели тој, апаратот не работи девет месеци, толку време колку што Таравари е министер за здравство, а струмичани секојдневно се принудени да патуваат до Гевгелија или Штип за да направат дијагностички преглед на КТ скен.
Препорачано
– Пред да го смените државниот грб и химната, и пред министерот за здравство да завлезе во решавање на етничките прашања, да ве прашам – кога планирате да го поправите апаратот за компјутерска томографија во Струмица? Колеги функционери и пратеници што земате помеѓу 2.5 – 6 милиони денари за патни трошоци, за овие луѓе што секој ден патуваат стотици километри за услуга која ВИЕ треба да им ја обезбедите во нивниот град, кој ќе им ги плати нивните трошоци? Тргнете ја на страна омразата кон мене, та и струмичани мораат да трпат поради тоа? Не ли е срамота девет месеци да вршите тортура врз пациенти? – прашува Костадинов.
Тој му предложи на министерот да се откаже од едно патување во бизнис-класа, за да се поправи компјутерската томографија во струмичката болница.
– Ве замолувам, горди од власта, не малтретирајте недолжен народ затоа што немате друга идеја како да ме победите на избори! – порача Костадинов.